пон. Окт 14th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

(ИНТЕРВЈУ) Фоторепортерката Арбнора остава без зборови: Преку фотографиите им давам глас на слабите и оние кои се безгласни

Млада, харизматична, ведра, секогаш позитивна и насмеана, вака ја опишуваат колегите. Сигурно некаде низ скопските улици ја имате сретнато Арбнора Мемети,  професионална фоторепортерка која го привлече вниманието на целата јавноста. Нејзините фотографски дела, често можете да ги видите на насловните страници од весникот Слободен печат, а неретко и на порталите кои ги „крадат“ без да ја прашаат. За неа ќе каже дека е најмладата фоторепортерка со најмалку искуство меѓу нејзините колеги, но, нејзините фотографии го говорат спротивното. Работи една година, но професијата веќе и влегува под кожа. Сите нејзини дела се уникатни, спонтани, но и стилски средени.

ФОТО: Арбнора Мемети

Арбнора е прва Албанка во Македонија, која се занимава со фоторепортерство. Има 21 година, а за неа ќе каже „Свесна сум дека пред мене имам еден долг пат, но убедена сум дека се може да се постигне со желба и работа“

Скопје 1: Тешко ли е да се „уловат“ политичари, граѓани? Дали треба да имаш посебно сетило за да ги уловиш во невообичаени пози?

Арбнора Мемети: Па не е секогаш тешко. Зависи,  не гледаме сите исто. Секој гледа од различен агол, така да, пред да се сликне со апаратот, тоа што сакаме да го сликнеме, прво „го сликаме во глава“. Има случаи кога вистинската слика ја гледаш за прв пат на компјутер, посебно ако е фатена набрзина и несвесно. Но, секако дека има и случаи кога си свесен дека ја „штракна“ вистинската. Има важни настани на кои треба да фотографираш и немаш време за детали бидејќи нема време, ноима и моменти кои ние сме ги „сликнале“ во глава, но апаратот не ги извадил на истиот начин.

Колегите од другите редакции велат дека секогаш е на вистинско место, во вистинско време, а ние би додале дека секогаш знае да го улови вистинскиот момент. Секој фотографија, раскажува своја приказна. Мемети нè воодушеви со нејзината харизматичност и плановите кои ги сподели со нас. 

ФОТО: Арбнора Мемети

Скопје 1: Ти се случило ли да фотографираш некого, а дури откако ќе седнеш да ги обработиш фотографиите на компјутер да видиш дека навистина си „уловила“ миг кој што ќе ги воодушеви сите, или пак веднаш знаеш дека го имаш „вистинското“?

Арбнора Мемети: Па мислам дека треба да се има сетило. Зависи, јас секогаш велам дека сите ние различно гледаме, нешто што ми е мене интересно, на другите можеби не им е.

Скопје 1: Што највеќе сакаш да фотографираш, со оглед дека секогаш фотоапаратот го носиш со тебе?

Арбнора Мемети: Јас фотографијата ја гледам како алатка преку која еден фотограф, меѓу тишина може да испрати многу силни пораки, такви пораки, кои можат да се разбираат само со еден поглед. Сакам да сликам нешто што зборува, нешто што на луѓето може да им пренесе порака, а тоа е документарната фотографија. Јас уживам на тоа, сакам, и секогаш сум сакала да им давам глас на слабите, на оние чиј глас не не им се слуша, на некој начин со тоа ја играм улогата на огледало на оваа општество. Најмногу сакам да се прошетам низ град и да уловам нешто. Ако можете да забележите, досега сликите повеќе ми се поврзани со општествените проблеми. Инаку да, апаратот го носам цело време бидејќи тоа тоа го бара мојата работа. Откако почнав да работам, фотоапаратот ми стана како дел од моето тело. Некогаш викам океј, ќе излезам некаде и ќе го оставам дома, но, веднаш размислувам што ако се случи нешто додека сум во град? Па така, одлучувам да ќе го земам малиот објектив и ништо не може да избега од мене. 🙂

ФОТО: Арбнора Мемети

Скопје 1: Новинар или фотограф? Што повеќе те исполнува, или овие две професии се толку поврзани што на некој начин се слеани?

Арбнора Мемети: Јас студирам новинарство и ова ми е последна година, пред дипломирање. Првите чекори во новинарство ги направив кога се запишав на факултет, каде имав можност веднаш да почнам како практикант, па потоа да се вработам. Сега ми е четврта година откако работам… Единствена причина што јас се запишав на новинарски студии, беше мојата голема љубов кон новинарскиот свет. Додека работев како новинарка, имаше еден период кога и сликав и пишував текстови, а и одлично функционирав. Ги работев двете нешта што ги сакам. Но, по одредено време ми дојде една шанса да работам само како фотограф, и да, се мислев премногу затоа што јас се трудев како студент да научам и покрај мене имав прекрасни луѓе, од стара новинарска школа кој ме упатија како да бидам вистински новинар, но сепак одлучив да ја прифатам таа понуда. Сега работам како фоторепортер, моето искуство како новинарка е само еден плус за мене. Фото-новинарството е форма на новинарството. Пишаниот збор и фотографијата толку тесно се поврзани што не можат во денешно време да функционират едено без друго. Така да, ако ги гледаме светските медиуми, нивните новинари веќе одамна фотографират и известуваат од настани. Секако, во иднина и јас би сакала да ги работам двете професии.

ФОТО: Арбнора Мемети

Скопје 1: Дали и колку те исполнува моменталната работа? Дали и во иднина се гледаш тука или пак можеби мислиш дека надвор од нашата земја можеш многу повеќе да се истакнеш?

Арбнора Мемети: Моменталната работа ме исполнува многу, уживам во ова што го работам. Јас би сакала многу да живеам тука, оти никој не сака да оди од својата татковина. Кај нас за жал ретки се тие што ја ценат фотографијата, додека во другите земји оваа професија е моќна и имаат три пати поголема плата од фоторепортерите кај нас. Моментално се подготвувам за мастер студии. Сакам да магистрирам за фотографија, но, за жал кај нас немаме таква катедра, па гледам опции надвор од земјата.

ФОТО: Арбнора Мемети

Скопје 1: На што најмногу се гордееш? Што ти велат блиските, те бодрат ли?

Арбнора Мемети: Ако има нешто за што треба да се гордеам, тоа е мојата храброст. Јас имам само 21 година, свесна сум дека пред мене имам еден долг пат, но убедена сум дека сè може да се постигне со желба и работа. Блиските многу ме бодрат. Чудно им е што нема девојка, Албанка, која работи како фоторепортерка во Македонија. Кај нас има одредена група на професионални фоторепортери со искуство кои што работат со години за нашите но и за светски агенции, и е многу тешко да се влезе на пазарот на фоторепортерите. Никој од уредниците во Македонија не е подготвен да работи со еден млад човек, без разлика дали е талентиран или не, а причината е само бидејќи тој нема искуство. Но еден таков чекор кој е за поздравување го направи мојот уредник, Бранко Героски, кој ми даде шанса да се докажам и верувам дека не згреши. Сакам како што некој ми даде на мене шанса, простор да се остави и за другите.

ФОТО: Арбнора Мемети

Скопје 1: И за крај, покрај фотографијата, дали имаш интерес и за некои други креативни активности?

Арбнора Мемети: Хммм. Иако имам интерес, имам малку време. Тоа малку време се трудам секогаш да го користам за нешто продуктивно за мене, често седам дома и учам, а понекогаш и се вклучувам на различни активности.

НОВИНАР: Татјана Караџова-Маленкова

Напомена: Фотографиите објавени во склоп на интервјуто се дело на фоторепортерката Арбнора Мемети. Истите се искористени за илустрација на нејзината работа. Забрането е превземање на фотографиите без дозвола од Арбнора Мемети. 

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close