Македонија

Поповски: Македонија целосно ја почитува слободата на говорот и на медиумите

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на вториот ден од Меѓународната конференција за слободата на медиумите, којашто се одржува во Лондон учествуваше на тркалезната маса „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 – одржување на влијанието“.

На оваа сесија претставници на Обединето Кралство и на Канада заедно со претставници на интернационалните организации дискутираа за иницијативите од Конференцијата и генерираа идеи за мултиралетарална соработка. Исто така, тема на дискусија беше идејата за формирање на коалиција којашто ќе ги следи случувањата во секоја земја на полето на безбедност на новинарите.

Исто така, министерот Поповски денеска имаше и свое обраќање во рамките на Националните изјави.

Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме текстот од обраќањето на министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

„Меѓународната конференција за слобода на медиумите во Лондон покажа дека демократиите беа сведоци на растечките закани коишто произлегоа од ширењето на дезинформации и онлајн пропагандистички кампањи, вклучувајќи и координирани напори од голем размер за потиснување на внатрешните демократски процеси.

Република Македонија во последниве години го доживеа овој феномен како една од целите на сензационализмот, недостојни медиумски содржини и лажни вести.

Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на Република Македонија. Новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ.

Македонија целосно ја почитува слободата на говорот и на медиумите, гарантирани со повелбите за човекови права.

Донесовме законска регулатива за транспарентна постапка за избор на Совет на јавни радиодифузни служби и Советот на Агенцијата за медиуми, којашто гарантира реформа, независност од која било партија и ослободена од какво било влијание.

Формиран е професионален владин сектор за комуникација, како комплетен, 24-часовен сервис за новинарите и граѓаните.

Без предрасуди и комплекси, како и нашите програмски политики, ние се отворивме за јавноста. Тоа не остана незабележано:

Владата на Република Македонија е прогласена за најотворена меѓу владите во регионот во 2017-та година, за разлика од последното место во 2016-та година. Наскоро ги очекуваме резултатите за 2018-та година.

Го ослободивме медиумскиот простор и гарантиравме целосна слобода на медиумите без никаков притисок.

Се определивме за нулта толеранција за напади и насилство врз новинарите и медиумските работници.

Даваме целосна поддршка за само регулација и почитување на професионалните и етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите.

Медиумското образование е исклучително важно, имајќи предвид дека медиумите и информативната писменост се клучен фактор кој им овозможува на поединците да ги следат медиумите на сопствен начин.

Владата на Република Македонија целосно ги поддржува и се обврзува дека ќе ги имплементира препораките вклучени во Глобалната заложба за слободата на медиумите прифатени од учесниците на Конференцијата за слобода на медиумите.

Во име на Владата на Република Македонија, силно го поздравувам Фондот за одбрана на слободата, инициран од ОН, посебно посветен на Слободата на медиумите.

Тој ќе се користи за поддршка за широк спектар на проекти за слобода на медиумите низ целиот свет.

Го поздравуваме Планот за акција на ОН за безбедност на новинарите и прашањето на неказнување. Сметаме дека тој поставува сеопфатен сет на препораки за акција за промовирање на слободна и безбедна средина за новинарите и медиумските работници, подеднакво во конфликтни и во не-конфликтни ситуации“.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток