Актуелно

Бачев – Јовчески: Дел од основачите на новата партија Родина се враќа во Матицата Единствена Македонија

Согласно јавниот повик на Извршниот комитет на Единствена Македонија од 17 март 2021 до сите сопартијци кои од разни причини не се повеќе во партијата, да се вратат во Единствена Македонија, тргна процесот од Прилеп каде 493 основачи од новата партија Родина се враќаат во Матицата Единствена Македонија.
Во изјава за јавноста претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев и Милан Јовчески во име на лицата кои се враќаат во партијата истакнаа:

Како што е познато, Извршниот комитет на Единствена Македонија, на седницата од 17 март донесе одлука да упати јавен повик до сите поранешни сопартијци кои од разни причини не се повеќе во партијата, да се вратат во Матицата – Единствена Македонија.  Денес имам големо задоволство да објавам од револуционерниот Прилеп дека 493 лица од 1.000 основачи на една нова партија, се враќаат во Матицата – Единствена Македонија.
Колку е оваа бројка сама по себе од извонредно значење, да кажам дека нова партија се формира со изјави од 1.000 основачи, а денес од тие 1.000, дури 493 се од Прилеп, со кои од денеска продолжуваме заедно во Единствена Македонија, истакна претседателот на Единствена Македонија, јанко Бачев.

Бачев додаде:

Ќе продолжиме да се бориме заедно. Не ни треба основање на нови партии. Ја имаме Единствена Македонија која секогаш е на првата линија во одбрана на националните и државните интереси. Единствена Македонија ќе биде посилна и пообединета од кога и да било досега.
Единствена Македонија во изминатиот период беше на удар со смислени сценарија, вклучително и тешкиот фалсификат на последните изборите спрема нашата партија, за што во јавноста веќе дадовме доволно докази.
Но сега, со пуштањето во јавноста на разноразни прислушувани разговори и вадењето на разни досиеја, ја користам приликата да изразам благодарност за обелоденувањето на досието со кодно име „Атлантик“, каде што јасно видовме дека сето тоа се правело смислено против Единствена Македонија како автентична национална и патриотска партија.
Република Македонија преживува најтешки моменти од кога било досега. Целата држава е во заложништво и можеме да ја ослободиме само доколку делуваме, токму сега, единствени и сплотени во одбрана на Татковината.
Мора да си ја вратиме државата назад како национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право. За таа цел, мора да ги поништиме антимакедонските договори со кои се брише се што е македонско. Но, ова претпоставува една претходна ситуација – соединување во Матицата – Единствена Македонија и тому тоа го правиме денес во Прилеп.
Заедно сме во битката за Република Македонија. Заедно стоиме на страната на Македонија, истакна Бачев.

Милан Јовчески на денешната прес конференција пак истакна:

Денешниот ден е голем ден за нас 493 основачи од Прилеп на партијата Родина – Македонија, што денеска се обединуваме во Единствена Македонија. Мора да признаеме дека ние 493 основачи кои тргнавме да правиме нова партија, на време согледуваме дека не ни требаат натамошни делби и основање на нови партии, туку ни треба единство и да се обединиме како Македонци. Радува фактот што речиси и кај сите останати 500 основачи на Роднина – Македонија кои се од други градови, има интерес и желба за соединување во Единствена Македонија.
Колку што сум запознат, наскоро тоа ќе го сторат и основачи на Роднина – Македонија од Кочани, Кавадарци, Неготино и други градови и ќе се вратат во Единствена Македонија и сите соединети ќе ја биеме Битката за Македонија заедно во Единствена Македонија., истакна Јовчески.

Тој додаде:

Во ова многу битно време за Македонија и Македонците, ние македонските родољуби и патриоти кои досега целиот живот го посветуваме во одбрана на македонските интереси, денеска правиме уште еден голем чекор.
Бидете убедени дека заедно обединети во Единствена Македонија ќе успееме во нашата битка за одбрана на македонската држава и македонскиот народ.
Борбата за Македонија никогаш не запира!
Македонија од предвечност до вечни времиња. Амин, истакна Јовчески.

видео: Единствена Македонија

На почеток