Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев испрати писмо со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски Господин Господин Стефан, до членовите на Синодот и свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, како и до сите православни верници по повод големиот празник Воскресение Христово – Велигден.
Во честитката премиерот Заев истакнува дека во време кога целиот свет поминува низ тешки премрежија предизвикани од коронавирусот КОВИД-19, празникот на спасението, кој го означува крајот на Христовите страдањата и со кој ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители на нашата заедница да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на блиските.
Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме текстот од видео пораката што премиерот Заев ја упати по повод празникот Воскресение Христово Велигден:
„Почитувани граѓани,
И оваа година еден од најсветлите празници – Велигден го дочекуваме во специфични услови и со ограничувањата кои ги донесе пандемијата. Во овие предизвици не сме сами – целиот свет се уште е во состојба на криза или вонредност поради опасниот вирус.
Празникот на спасението, кој го означува крајот на Христовите страдања и со кој ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност да понесеме одговорност за доброто на сите во нашата заедница. Да се заштитиме себеси и здравјето на блиските.
Саможртвата на Христос е подвиг од љубов, посветен на нас луѓето. Бог ни се даде како пример. И токму овие светли празници секој од нас прави личен подвиг пред искушенијата – секој од нас трезвено и воздржано внимава на заштитата на здравјето односно на предизвикот што го наметна оваа глобална здравствено-економска криза.
Во наше изменето современие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг.
Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти.
Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје и со духовна сила!
Нека е честит големиот христијански празник – Велигден!
Христос воскресна! Навистина воскресна!“