Свет

Две третини од украинските деца мораа да ги напуштат своите домови поради војната

Речиси две третини од украинските деца ги напуштиле своите домови од почетокот на рускиот напад на Украина, на 24 февруари. Обединетите нации утврдија дека оттогаш 142 деца загинале, иако, бројката е сигурно поголема, соопшти УНИЦЕФ.

Директорот на УНИЦЕФ за програми за итна помош, Мануел Фонтејн, кој штотуку се врати од Украина, изјави дека за 31 година од својата хуманитарна работа, не видел толку деца многу деца толку брзо да бидат раселени.

– Беа принудени да остават сè зад себе – своите домови, училиштата, а често и членови од своето семејство, истакна Фонтејн при обраќањето до Советот за безбедност на ОН.

Како што тој нагласи, 4.8 од вкупно 7.5 милиони украински деца, се раселени.

Фонтејн прецизираше дека 2.8 милиони деца се раселени внатре во Украина, а останатите се бегалци во други држави.

Следуваше и предупредување, дека речиси половина од 3.2 милиони деца, кои се во Украина, имаат недостаток од храна. Најлоша е ситуацијата во опколениот град Мариупол, додаде Фонтејн.

На почеток