Македонија

Семејството на момчето кое почина од сепса во тешка финансиска состојба, се собираат донации

25-годишниот Јован Димовски од Берово почина откако добил сепса по дренирање заб во штипската болница.

На социјалните мрежи деновиве беше објавен повик финансиски да му се помогне на семејството

„Почитувани роднини, пријатели, другари, познаници,

По повод смртта на сега починатиот Јован Димовски (25) од Берово, кој почина на 24.08.2022 на Клиниката за анестезија и реанимација КАРИЛ во Скопје поради сепса предизвикана од вадење на заб, и истиот беше погребан во Берово наредниот ден на 25.08. 2022 г. Семејството на Јован, мајката Снежана и братот Александар во овие тешки денови за нив, се исправени уште пред безброј тешки предизвици, односно борба за докажување на вистината за причината за смртта на младиот Јован, а воедно и справување со отежнатите услови за егзистенција.

Александар и Јован Димовски (сега починат) уште пред своето полнолетство остануваат без едниот родител – татко кој починува во Италија. Поради трошоците за пренесувањето на телото и погребот, семејството останува со незавиден финансиски товар што го чувствуваат до денешен ден. Во меѓувреме мајката останува без работа, а загубата на Јован кој по смртта на таткото ја превзема улогата на глава во семејството, е ненадоместлива. Но, мајката и братот имаат потреба да ја бараат и дознаат вистината за смртта на саканиот син и брат. Патот кој треба да го поминат за таа цел е полн со институционални пречки и обврски пред се од финансиска природа. Во врска со случајот, Јавното обвинителство во Штип отвори и предмет на истрага. Од тие причини, а највеќе за тоа дека вистината мора да излезе на виделина и секој што има вина да понесе одговорност.

Ве замолуваме согласно можностите секој од нас да донираме парични средства за помош на семејството“, стои во описот.

Ако сакате да донирате кликнете тука

На почеток