Македонија

Државата ќе треба да му плати на Верушевски околу 30.000 евра за душевна болка

По пет илјади денари за секој од 344 дена поминати во притвор во 2015 година за предметот „Пуч“, ќе треба да му плати државата на Зоран Верушевски.

Врховниот суд одлучи врз основа на ревизијата побарана од Државното правобранителство, а која се однесуваше на проверка на одлуката на Апелацискиот суд, дека Верушевски треба да добие околу 30.000 евра за повреда на честа и угледот и за наплата на судските трошоци.

Верушевски ја тужеше државата и бараше отштета од 71.000 евра за 344 дена поминати неосновано во притвор за „Пуч“.

„Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1.720.000 денари“, се нагласува во пресудата на Врховниот суд објавена на 3 јули годинава.

Државата, исто така, се задолжува на Верушевски да му ги надомести парничните трошоци во постапката во вкупен износ од 227.642 денари.

„Имајќи ги предвид сите околности на конкретниот случај, особено интензитетот и времетрањето на душевниот бол кој го трпел тужителот поради неоснованото лишување од слобода во поглед на нарушениот углед и чест, утврдени врз основа на лекарски наод и мислење и периодот на изречената мерка притвор во траење од 344 дена сметано од 23.01.2015 година до 31.12.2015 година, се вели во образложението.

Врховниот суд посочува дека при состојба кога со правосилно решение на Основниот суд Скопје 1 од 20 јануари 2017 година, била запрена кривичната постапка поведена против обвинетиот – сега тужител, а со пресуда на Основниот суд Скопје 1 од 30 јануари 2018 година, било одбиено обвинението спрема обвинетиот, сега тужител, според наоѓањето на овој суд, во конкретниот случај не е спорна пасивната легитимација на тужениот.

Верушески беше притворен откако почнаа да се објавуваат бомбите со обвинувања за неовластено поседување на службениот пиштол, а потоа и за велепредавство и шпиунажа.

На почеток