Македонија

Османи: Руската воена агресија врз Украина е најголем тест за нашата посветеност за заштита на човековите права

Османи: Руската воена агресија врз Украина е најголем тест за нашата посветеност за заштита на човековите права

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска преку видео-обраќање ја отвори Конференцијата на човековата димензија на ОБСЕ што се одржува во Варшава.

Како што истакна Османи во своето обраќање, оваа Конференција има за цел да ја оцени имплементацијата на заложбите на ОБСЕ од страна на земјите-учеснички во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото и да понуди конкретни решенија за иднината.

„Руската воена агресија врз Украина е нашиот најголем тест дали можеме да успееме да ги оствариме нашите заеднички заложби. Сведоци сме на постојано насилство, дискриминација и нееднаквости низ целиот свет. Гледаме закани за слободата на изразување, мирното собирање и здружување. Гледаме напади врз владеењето на правото и ерозија на демократските институции. Овие предизвици се влошуваат со новите закани како што се влијанието на новите технологии врз приватноста и ефектот на климатските промени врз социјалната еднаквост“, рече Османи.

Тој додаде дека овие предизвици можат да бидат надминати заеднички, преку давање на клучно место на граѓанското општество во овие напори.

„Граѓанските организации се во првите редови во застапувањето за човекови права, демократија и владеење на правото. Тие обезбедуваат перспективи и независни проценки и извештаи за прашањата поврзани со слободата на медиумите, изборните процеси и малцинските права и ги повикуваат владите да покажат одговорност. Тие му помагаат на ОБСЕ и се клучен партнер во идентификување и креирање на конкретни мерки на терен“, истакна Османи во своето обраќање, додавајќи дека нивните размислувања се голема поддршка за заедничките напори чија крајна цел – да ги направи општества безбедни, сигурни, слободни, демократски и праведни.

Еден од клучните резултати на Конференцијата ќе биде идентификацијата на областите каде што земјите-учеснички на ОБСЕ можат да ја подобрат својата имплементација на обврските кои пред сè ќе значат подобро секојдневие за граѓаните, без страв од војна, угнетување или замолчување, рече Османи.

На почеток