Магазин

Наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам за Кумјана Новакова за „Молкот на разумот“

Наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам за Кумјана Новакова за „Молкот на разумот“

На синоќешната церемонија за доделување на наградите на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА, во Амстердам, наградата за најдобра режија во програмската секција “Envision” ја доби Кумјана Новакова за нејзиниот последен долгометражен филм „Молкот на разумот“ кој во Амстердам ја имаше својата меѓународна премиера.

dobivaj vesti na viber

Наградата ја доделува петочлено жири, a фокусот на натпреварувачката програмска секција “Envision” е на меѓународни или светски премиери на филмови со посмела форма, каде авторите и авторките и пристапуваат на реалноста од поинаков агол и ги истражуваат најдалечните граници на документарната уметност.

Во својата експликација за наградата за најдобра режија за Кумјана Новакова, меѓународното жири истакна: “ членовите на жирито ја истакнуваат режисерката за нејзиното ригорозно презентирање на форензички докази и неверојатната храброст на жените чие сведочење овозможи силувањето да биде меѓународно признато како воено злосторство. Кумјана Новакова на филмски начин направи овие злосторства никогаш да не ги заборавиме“.

Во своето видео обраќање при примањето на наградата, Кумјана Новакова истакна дека „Молкот на разумот“ е филм кој е резултат на солидарноста на жените кои не само што ја преживеале војната, туку се издигнале над насилството за да го уништат самиот концепт на насилство. “Од тие причини – таа рече – во оваа прилика не сакам да зборувам за тоа колку е важен филмот, туку колку е важна солидарноста. Ако имаме барем малку интегритет, сите заедно во еден глас ќе побараме прекин на огнот и ослободување на Палестина веднаш. Не постои историска, политичка или која било друга причина која може да се користи како аргумент за уште еден геноцид да биде на рацете на човештвото. Крај на сите форми на опресија. Крај на сите форми на насилство. Слободна Палестина.”

„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова своја светска премиера имаше оваа лето на Сараевскиот Филмски Фестивал каде го освои срцето на Сараево за човекови права. Во наредните неколку денови следуваат националните премиери на филмот во Србија – на Авторскиот филмски фестивал во Белград, во Италија – на Торино Филм Фестивал, во официјалната меѓународна натпреварувачка програма, и во Полска – на WatchDocs фестивалот исто во меѓународната натпреварувачка програма. Средината на декември филмот ќе има специјална проекција во Скопје.

„Молкот на разумот“ е подржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска ко-продукција.

На почеток