Свет

Нетанјаху по предлогот на Бајден за мир во Газа објави: „Владата на Израел сака да ги врати сите заложници дома“

Нетанјаху: Ердоган е последниот кој може да разговара со нас за моралот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, веднаш по говорот на американскиот претседател Џозеф Бајден во кој ги повика Израел и Хамас да го прифатат последниот предлог за заложници, објави дека израелската влада е обединета во својата желба да ги врати сите заложници дома што е можно поскоро и дека работи за да се постигне таа цел.

„Затоа премиерот го овласти преговарачкиот тим да претстави рамка за постигнување на таа цел, истовремено инсистирајќи дека војната нема да заврши додека не се постигнат сите нејзини цели, вклучително и враќањето на сите наши заложници и елиминацијата на војската на Хамас, и способности за управување“, се вели во соопштението.

„Точната предложена рамка, вклучително и условна транзиција од фаза во фаза, му дозволува на Израел да ги задржи тие принципи“, се додава во соопштението.

Кабинетот на Нетанјаху не соопшти дали предлогот е истиот што го претстави Бајден во неговиот говор во Белата куќа и воопшто не го спомна директно говорот.

На прашањето дали договорот опишан од кабинетот на Нетанјаху е истиот што го презентираше Бајден, високиот претставник на американската администрација избегна директно да одговори.

„Не се сомневам дека договорот ќе биде оценет од Израел и оценет од Хамас, но знаеме што има во договорот. Знаеме какви се очекувањата“, изјави неименуван функционер, пренесоа израелските медиуми.

На почеток