Новинар на Ројтерс кој известувал од Украина убиен во руски напад: Проектил погодил во хотелот, телото е пронајдено во урнатини


Членот на тимот на новинската агенција Ројтерс, кој известува за војната во Украина, Рајан Еванс (38) е убиен, а двајца новинари на Ројтерс се повредени во напад на хотел во градот Краматорск на истокот на Украина, објави новинската агенција.
Еванс, кој работел како советник за безбедност во агенцијата, бил убиен кога проектил го погодил хотелот Сафир, каде што престојувал шестчлен тим на Ројтерс, во саботата, соопшти агенцијата.
Двајца новинари кои беа повредени во нападот се во болница, а еден од нив е тешко повреден.
Еванс, поранешен британски војник, работи во Ројтерс од 2022 година како советник за безбедност.
Останатите тројца членови на тимот на Ројтерс кои биле во хотелот во моментот на нападот се безбедни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека хотелот бил погоден од руска ракета Искандер, која има дострел од 500 километри, и дека нападот бил однапред смислен.
Руското Министерство за одбрана не одговори на барањето на Ројтерс за коментар, а агенцијата наведува дека не може самостојно да потврди дали се работи за намерен напад на таа зграда.
Регионалното обвинителство на регионот Доњецк претходно соопшти дека во урнатините на хотелска зграда во Краматорск е пронајдено тело на британски државјанин.
Како што е наведено, хотелот бил погоден во саботата вечерта, најверојатно од проектил Искандер-М.
