Трамп: Бајден и Камала Харис ја водат Америка во Трета светска војна


Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп, оцени дека администрацијата на претседателот Џозеф Бајден, особено кандидатката на демократите Камала Харис, ја води Америка кон Третата светска војна.
„Кој преговара за нас на Блискиот Исток? Бомбите паѓаат насекаде. Заспаниот Џо (Бајден) спие на плажа во Калифорнија, прогонет од демократите, а неговата пријателка Камала Харис оди на турнеја со автобус со Тампон Тим (кандидат за потпретседател Тим Волц), нејзиниот навистина лош избор за потпретседател. Да ја немаме Трета светска војна, бидејќи до таму одиме“, напиша Трамп на мрежата Х.
Изјавите на Трамп доаѓаат во време на ескалација на Блискиот Исток.
Израел во неделата изврши серија воздушни напади врз цели на Хезболах во јужен Либан, велејќи дека нападите се превентивен потег за да се спречи Хезболах да лансира ракети и проектили кон централен Израел.
Хезболах, пак, објави дека во првата фаза од нападот врз Израел истрелал 230 проектили на северот на таа земја, како одговор на атентатот на високиот командант на Хезболах Фуад Шукр на 30 јули во Бејрут.
