Спасовски: Недолична и дискриминаторска изјава, Кочоска јавно да ѝ се извини на Петровска


Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски бара јавно извинување од министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска за, како што вели, дискриминаторската изјава кон пратеничката Славјанка Петровска.
„Како координатор на пратеничката група на СДСМ, но пред сѐ како човек, најостро ја осудувам денешната неизмерно срамна, навредлива и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Кочовска, упатена кон колешката пратеничка, Славјанка Петровска.
Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на граѓаните, министерката Кочовска не се двоумеше да го покаже вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, па така се впушти во лични навреди, коментирајќи го приватниот живот на Петровска.
Ова е крајно недолично, дискриминаторско и понижувачко однесување кое не смее да има место во политичкиот дискурс, а особено не во македонското Собрание.
Со оваа изјава, Кочовска уште еднаш го потврди лицемерното „демо-христијанско” однесување на ВМРО-ДПМНЕ – секогаш прибегнување кон дискриминација и омаловажување на жените кога нема аргументи. Зборовите на министерката претставуваат груб напад врз секоја жена во Македонија која се бори за свое место во општеството и политиката.
Бараме министерката Кочовска веднаш јавно да се извини за овој недостоинствен чин. Истовремено, ја повикуваме целата јавност, сите граѓани и организации, да се спротивстават на ваквиот говор на омраза и да испратат јасна порака дека дискриминацијата и навредите врз жените нема да бидат толерирани”, напиша Спасовски.
