Врховниот судија Киро Здравев е нов претседател на Судскиот совет. Со 12 гласа, едногласно беше избран на позицијата. Во духот на претседателските избори, членовите на оваа тело гласаа тајно, зад параван, а ливчињата ги ставаа во изборна кутија. Заменик на здравев ќе биде Селим Адеми. За него гласаа 11 членови на Судскиот совет, и имаше едно неважечко ливче.
Киро Здравев, кој е судија во Врховниот суд, за член на Судскиот совет е избран во 2018 година. Дипломирал во 1981 година на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а правосудниот испит го положил во 1982 година.
Во 1983 година е избран за судија во Општинскиот суд во Штип – Граѓански оддел. Во 1988 година е избран за претседател на Општинскиот суд Штип – Кривичен оддел. Во 1996 година е избран за судија во Апелациониот суд Штип – Граѓански оддел.
Во 2004 година е избран за судија во Врховниот суд на Република Македонија, каде што е распореден во Одделот за управни спорови и како дополнителен член во советот за граѓански дела.
Како судија во Врховниот суд на Република Македонија бил претседател на Одделот за граѓански дела и претседател на совет во овој оддел.
Од 1994 до 2002 година е член на Управниот одбор на Здружението на судиите.
Преку Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ги има поминато обуките за стручно усовршување во областа во која работи.