Македонија

Богојески: Државата и приватникот може да бидат ортаци -Тоа во нашите проекти можете да го забележите кај проектот „Партнерство со младите“

Петар Богојески промотор на „Македонски концепт“ за Kapita.mk

Тајната е во претприемништвото. Човекот има основен мотив да создава, само доколку ја знае наградата за себе си. Спој помеѓу факторот кој ги создава најуспешните менаџери во бизнисот и јавните овластувања, ќе го даде крајниот лек. Јавни овластувања кај приватниот сектор и претприемништво кај државните службеници. Само приватниот сектор може да понуди квалитетни услуги. Вклучително и оние од јавен карактер. Да преземе „институционални обврски“. Тука лежи зајакот. Тоа е иновативна област, ново решение, кое до сега не било понудено.

Десничарски реформатор или концептуален реставратор? Платформски активист или политички авантурист? Наутро салонски политичар во костум, навечер разгоропаден комита со кубура. Многу контроверзии во ликот или поливалентност во демонстрираниот карактер? Се движи во двете крајности, но едно е сигурно, не остава простор за рамнодушност, додава доза на неопходна свежина во домашното политичко милје. Кој во суштина е Пeтар Богојески?
-Да почнеме со ова прашање г. Богојески, како да ве доживуваме на македонската политичка сцена?

Концептуален реформатор. Пред се’ граѓанин на Републиката, со либерално конзервативен светоглед. Убеден републиканец, заљубен во слободата. Вистинита е констатацијата дека знам како со највисоки дипломати и државници, а во исто време комита со народот, пред кооперација. Затоа што тие средби во костум ги правам само и само за доброто на тој народ. За доброто на генерациите кои доаѓаат. Зошто да бидам изложен на таков стрес, при тие „костумосани средби“? Немам друга причина. Многу поважна е амбицијата за професионален политичар, кој не е во политиката за печалба или на дополнителен работен ангажман, за време на одложена, друга примарна професија. Јас имам прекрасен живот и без политика. Имам искуство и во бизнисот. Политиката само како шанса, да промениме некои работи за кои сметаме дека се ненормални. Да донесеме нормалност, а не да бидеме празни воденици со години во парламент. Од тука таа јасна намера, никако за волунтаризам, туку за професионален политички ангажман.

-Од „пиарџиска“ гледна точка, добро е кога те критикуваат и едните и другите политички конкуренти, во стилот “Види го ти сега Бунтур, ќе мешал карти?!”. Но, малкумина знаат дека зад политичкиот про-активизам има реална образовна основа и административна експертиза. Вие сте докторанд на УКИМ и долгогодишен државен службеник во неколку државни институции. Дали е тоа основата на којашто сметате дека сте квалификуван да креирате решенија?
Врвот на административната кариера го постигнав на релативно млади години. Во тој поглед сум целосно реализиран. Започнав како помлад референт, а денес сум државен советник, највисоката професионална административна позиција. При тоа, не бев унапреден од референт на највисока позиција, туку низ годините ги поминав сите скалила за унапредување. Стекнав работно искуство во повеќе институции, а се соочив и со „болеста“ на нашата администрација. Во судирот помеѓу личните и професионални принципи, во кои верувам, и интересите на „големците“, искусив и политичко шиканирање и отказ од едно работно место, потоа лична одлука да дадам оставка од друго работно место, промена на трето работно место, поради судир со „владетелот“, остварен конфликт со ликови за кои имав констатиран криминал и сл. Сето тоа е животна борба и не се жалам. Едноставно така мора во животот. Но, јас сум истраен и одлучен и секогаш одам до крај. Без откажување.

Токму сето она преживеано низ административната кариера, ми беше мотив, покрај пасијата со политика и ПР, покрај работата на докторат во областа на политиката, да се зафатам со дополнително работење на докторат на УКИМ, во областа на економијата, поточно јавното претприемништво. Преку опсежни теоретски, компаративни, хронолошки и други анализи, да направам научни согледувања за македонскиот јавен сектор и да понудам решенија за имплементирање на јавното претприемништво во нашата држава, со развивање идеи за иновации од јавен интерес и надополнување на приватното претприемништво, кое е столб на нашата државност. Ова ќе биде воедно и иновативно решение, преку апликативен модел, за најголемиот проблем за нашата Република, а тоа е администрацијата. Тој проблем го кочи бизнисот, го спречува развојот, ги прави слаби институциите, го отежнува животот на сите граѓани. Тоа е за мене новиот предизвик. Поради тоа барам простор во политиката. Само преку политиката, она што го работам на научна основа, ќе бидам во можност да го имплементирам, да дадам придонес за мојата држава. Така, преку личен пример, ќе покажам како може да се живее во склад со она за што се образуваме, во кое веруваме и треба да го практикуваме. Верувам дека токму ова е државен патриотизам. Токму изградбата на силни државни институции, кои се сервис за граѓаните и бизнисот, а не нивни мачители, за мене е патриотска должност.

Богоевски вели: Државата и приватникот може да бидат ортаци!

-Државата и приватникот може да бидат ортаци. Тоа во нашите проекти можете да го забележите кај проектот „Партнерство со младите“, каде државата е ортак на младите претприемачи. Покасно се повлекува од бизнисот, а тој останува на грбот на веќе искусниот млад претприемач. Најмногу зборуваме за јавни овластувања на приватниот сектор. Буквално суштински јавни сектори да ги преземе приватниот сектор. Најголема пречка е менталитетот кај граѓаните, вели Богојески за Капитал.мк.

Текстот во целост на: Kapita.mk

На почеток