Македонија

Пендаровски со ордени одликуваше баталјони за воени заслуги за високата професионалност

Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска, на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август –  Денот на Армијата, со Орден за воени заслуги ги одликува Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави, Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции при Армијата на Република Северна Македонија.

Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави се одликува со  Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош во процесот на јакнење на капацитетите и на стандардите на Армијата на Република Северна Македонија, како и за зајакнување на соработката и на партнерството помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија.

Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база при Армијата се одликува со Орден за воени заслуги за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на мисијата на единицата преку зачувување и унапредување на здравјето на припадниците на Армијата и на Министерството за одбрана и со тоа одржување на потребното ниво на борбена готовност, медицинска поддршка при справување и санација на елементарни непогоди и кризни состојби, учество во мировни операции и несебична професионална поддршка на Министерството за здравство при справување со пандемијата со Ковид-19.

Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции се одликува со Орден за воени заслуги за високата професионалност, пожртвуваност и за исклучителниот придонес за извршувањето на задачи при справување и санација на елементарни непогоди, обезбедување на јужната граница за време на мигрантската криза и поддршка во активностите за справување со пандемијата со Ковид-19 во прогласените кризни региони во општините Дебар и Центар Жупа.

Во своето обраќање по повод 18 Август, претседателот Пендаровски нагласи дека Орденот за воени заслуги за Канцеларијата за соработка во одбраната на САД е симболичен израз на нашата благодарност кон Соединетите Американски Држави и пријателскиот американски народ, за сета поддршка во изминативе децении од нашата независност до денес. Преку одликувањето на Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции, пак, рече Претседателот, им се оддава признание и на сите припадници на Армијата кои изминативе месеци беа ангажирани во справување со последиците од пандемијата.

На почеток