Македонија

Нема одлука по повикот за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство сеуште не донело одлука по јавниот повик за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари број 01/2020 објавен на ден 23.12.2019 година. Рокот за аплицирање на повикот беше до 22.01.2020 година. Оттогаш до денес апликантите по овој повик немаат добиено никакво официјално известување за текот и фазите во кои се наоѓаат апликациите.

Владата во време во екот на корона вирусот во нашата држава заседаваше по однос на ова прашање и донесе одлука дека роковите за донесување на одлуки кои произлегуваат од законот за земјоделско земјиште престануваат да течат за времетраење на вонредната сосотојба и продолжуваат да течат по завршување на вонредната состојба. Тоа е наведено во уредбата со законска сила за примена на законот за земјоделско земјиште за време на вонредна состојба број 44-2567/1 од 26.03.2020 година. Сега нема пречки одлуката да биде донесена. Дополнително со формирањето на новата влада се завршени и изборите и сега се очекува одлуката.

Анонимен земјоделец кој аплицирал на огласот за нашата редакција вели: „Навистина е несериозно што Министерството сеуште нема донесено одлука по однос на повикот за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Трошоците за аплицирање се навистина големи, треба да се изработи елаборат со нумерички податоци за земјиштето, програма за користење која треба да ја изработи стручно лице како и многу документи кои се заверуваат на нотар. Најголемиот проблем е што ако наскоро не се донесе одлука ќе се пропушти сезоната за садење што за една година ќе го наруши нашиот план. Дополнително доколку се завршеше повикот на време ќе имавме можност да аплицираме за средства од ИПАРД програмата и многу други придобивки. Затоа го молиме новиот Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство веднаш да ги заврши овие огласи и да донесе одлуки.

Информациите до кои ние дојдовме а се од самото Министерство се дека апликациите се разгледани, внесени се сите податоци во нивниот систем и може да се донесе одлука доколку се сака. Најнепопуларно е доколку се донесе одлука за поништување на овие повици што секако ќе делува демотивирачки за земјоделците и нема да се јавуваат на другите повици.

Веруваме дека ќе биде донесена одлука во најкраток можен рок што секако ќе им овозможи на земјоделците да ја искористат престојната зимска сезона за подигнување на насади.

           

На почеток