Македонија

„Саса“ за истекувањето на јаловина во реката Каменица,ќе плати казна од најмногу 100.000 евра

Министерството за животна средина и просторно планирање, во врска со истекувањето на јаловишен материјал од рудникот Саса во Каменичка Река, информира дека Државниот инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор.

„ Согласно извештајот од направениот увид на водостопанскиот инспектор на ДИЖС во правното лице „Рудник Саса“ направен е теренски увид со фотографирање и увид во документација. Притоа се констатира дека во раните утрински часови во 5.45 па се до 7.15 часот се случило испирање на јаловишен песок од 3.000m3 од хидројаловиште бр.4, поради контактна филтрација во десниот бок. Овој материјал разлеан со вода од реката Каменица довел до заполнување на зафат на мала хидроелектрана и речното корито на реката притоа загадувајќи ја со јаловишен материјал од хидројаловиште бр.4. кое било и се гради од песок на хидроциклони со насипување во влажна состојба“ се вели во извештајот.

Од страна на водостопански инспектор понуден е Записник за започнување на постапка за спогодување согласно член 212-ж за Прекршоци од трета категорија, став 1 (максимална Глоба во износ од 100.000 евра во противредност во македонски денари за правно лице) точка 7 од Законот за животната средина, а правниот субјект треба да постапи согласно предложените мерки за заштита наведени во Записникот за констатација и Решението во инспекциска постапка кое согласно закон ќе биде доставено во предвидениот рок.

Записникот за започнување постапка за спогодување е потпишан од управителот на правното лице, а понатамошната постапка продолжува пред Комисија за спогодување при Министерство за животна средина и просторно планирање која ќе донесе конечна одлука.

На почеток