Македонија

15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата, еве што порача претседателот Пендаровски

По повод 15 Септември – Меѓународниот ден на демократијата, претседателот Стево Пендаровски упати порака во која ги охрабрува граѓаните, особено младите, да бидат активни и гласни помеѓу изборите и постојано да ги потсетуваат политичарите на нивната привремена улога како функционери и на тоа дека одлучуваат во името на граѓаните.

„Ние влеговме во формална  демократија во 1991-та, а светот, пред се западниот, е таму со векови наназад. Верувам дека огромното мнозинство граѓани ќе се согласат дека резултатите од нашата демократска транзиција се незадоволителни, процесот е долг и тежок, често пати се враќаме наназад.

Клучното прашање е како да го скратиме и да го направиме полесен за нашите луѓе, знаејќи дека имаме само еден живот на располагање. Предлагам, прво, преку неколку општи примери да видиме што е, а, што не е демократија за полесно да ја дефинираме нашата заедничка кауза.

Според мене, не е демократија ако еден човек или група одлучуваат без изборен легитимитет, во името на сите останати. Значи, прва специфика на реалната демократија е – плуралитетот.

Тоа преведено во политиката, значи еден човек, еден глас, се разбира, зборувам за гласови кои се навистина дадени, а не, кога наместо тебе гласа некој друг или ако си присилен или уценет при гласањето за конкретен кандидат.

Во економијата тоа значи парите да се легално стекнати, а трудот да биде реално платен, со други зборови, богатството да не биде резултат на  експлоатација или злоупотреба на другите луѓе.

Демократија е кога државните институции, судовите, полицијата, инспекциите, постапуваат кон претседателот, премиерот, министрите, на  ист начин како кон секој друг граѓанин.

Демократија е кога етничката припадност нема да ви биде пречка да се вработите и да бидете на било која позиција во својата држава. Но, не е демократија ако освен етничката припадност или освен партиската книшка  немате ама ништо друго во вашата биографија.

Голем проблем во развојот на демократијата кој е, за жал, веќе денес видлив и во светот и кај нас е се помалата партиципација на граѓаните во иницијалниот чин на политичкиот процес – во изборите, но, и нивната незаинтересираност за организиран отпор против недемократско владеење кое може да се случи откако демократски ќе ги избереме нашите претставници.

Сакам да им порачам, особено на помладите, дека со апстинирање од избори нема да ги избегнете ефектите од лошото  владеење, политиката, лоша или добра, секако ќе влијае врз вашите животи. Затоа е подобро да гласате, во спротивно, некој друг ќе решава и во ваше име.

Меѓутоа, не помалку битно е да бидете гласни и активни и помеѓу изборите. Од секогаш сум бил убеден дека сите ние, политичарите, треба да се плашиме од граѓанскиот активизам. Ние мораме да го слушаме и да го почитуваме граѓанскиот глас кој и не донел на ваква позиција, извесен временски период да одлучуваме за другите.

Затоа мојата последна, се разбира, не и најмалку важна порака до граѓаните би била – не ни дозволувајте релаксиран мандат! Тоа е единствениот пат до вистинска демократија на која нема да чекаме со векови“, истакнува Претседателот Пендаровски.

To Top