Македонија

Родилките и мајки на деца до 6 години за утре најавија протест пред Владата, Шахпаска смета дека враќањето на работа е логично Родилките и мајки на деца до 6 години за утре најавија протест пред Владата

Од следната среда, односно на 23 септември на работа се враќаат родителите на децата до шест години, лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. Согласно владината одлука на работните позиции од 23 септември се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.

Родилки и мајки на деца до шест годишна возраст најавија протест утре пред Владата, против одлуката која ги обврзува да го прекинат продолженото породилно отсуство и да се вратат на работа. Мајките бараат промена на одлуката, односно продолжување на отсуството до крајот на годината, како што претходно препорача Комисијата за инфективни болести.

Реагираа и самохраните родители, кои преку здружението Една може нагласија дека со започнување на вонредната состојба, специфични мерки беа креирани за различни групи, а оваа категорија била изоставена и за нив не биле креирани индивидуализирани пакети на мерки. Голем број самохрани родители останале без работа, дел поради тоа што биле дел од неформалниот пазар на трудот, друг дел, како што наведуваат, ги загубиле работните места поради несензибилност на приватниот сектор и немањето разбирање за оние кои немаат опција за чување на децата.

За министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска нема ништо спорно во одлуката на Владата. Таа смета дека мерката за отсуство од работа на родителите на деца до шест години и на оние со продолжено породилни отсуство станало беспредметно со отворањето на градинките.

Во однос на одлуката на Владата за прекин на продолженото породилно отсуство, министерката Шахпаска оцени дека со отворањето на градинките и оваа мерка ја губи смислата.

Вчера беше забележан прв случај на дете заразено со коронавирус. Според информациите од Министерството, станува збор за дете кое било згрижено во градинката „13 Ноември“ во општина Центар во Скопје.Детето е на 15-месечна возраст.

Шахпаска вчера информирапе дека детето престојувало во градинката само еден час на 9 септември, а на 14-ти родителите ги известиле вработените во установата дека детето е позитивно на Ковид-19.

Од отворањето на градинките на 9 септември беа пријавени три случаи на позитивни вработени во градински во Скопје, Битола и Свети Николе.

извор: МИА

 

На почеток