Македонија

Филипче: Не се враќаат на работа сите хронично болни пациенти, проценката ја прави лекарот специјалист

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вчерашното гостување во емисијата „Патот кон…/Rruga drejt…“ на Алсат М телевизија, во однос на враќањето на дел од хронично болните лица на работа изјави дека мерките се добро проценети и анализирани пред да се имплементираат.
„Не се враќаат сите на работа, туку лекар специјалист проценува кој ќе оди на работа, а кој не. Не само на кого му е влошена болеста, туку и пациент кој е во фаза на болеста и има тип на хронична дијагноза, со таква шифра, а треба да биде заштитен во следните шест месеци. За тоа ние го сменивме правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување. Тоа значи дека ги одделуваме хроничните болни коишто се во рамките на една категорија и имаат иста шифра на болеста. На пример дијагноза миокарден инфаркт на срце. Пациент имал инфаркт на срце пред пет години, човекот е рехабилитиран и сосема нормално ги извршува животните активности. Тој ја носи истата шифра како пациент кој имал инфаркт пред еден месец и треба да биде на боледување и дополнително заштитен. Таа проценка ја прават специјалистите. Значи не е точно дека сите пациенти со хронични болести се враќаат на работа. Се враќаат тие коишто можат да работат согласно проценката на лекарот специјалист“, потенцираше Филипче.
За потсетување, до 23 септември пациентите треба да посетат специјалист за што се пуштени дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта, а по потреба рокот ќе биде пролонгиран.
На почеток