Македонија

Собранието ги изгласа измените на законите за основно и за средно образование

Пратениците на вчерашната седница со 61 пратеник „за“, ниту еден „против“ и 28 „воздржани“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование и со 61 глас „за“, еден „против“ и 25 „воздржани“ го донесе Закоконот за основно и средно образование.

Со законските измени, за прв пат во државата, се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно- образовен процес и тоа во услови кога има утврдена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави, или други големи природни непогоди. Со законските измени се прават исклучоци во однос на започнувањето  и завршувањето на учебната година за време на вонредни околности така што, учебната година може да започне и заврши и во време различно од времето кога вообичаено започнува учебната година, за што ќе одлучува Владата.

Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација. Според измените на законите организирањето на наставата со физичко присуство на учениците  ќе биде можно, само ако, се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните и средните училишта, донесени од Владата.

Измените на двата закона предвидуваат и наставниот час да трае пократко од 40 минути, заради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство. Со законските измени е предвидено и можност за кратење на наставните денови во учебната година од 180 на најмалку до 100.

На почеток