Македонија

Почна новата учебна година – Премиерот и министерката за образование на првиот училишен ден во „Коменски“

Во 600 училишта со физичко присуство, некаде под отворено небо, a за останатите преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на македонската телевизија официјално започна новата учебна година во Северна Македонија.

Еден месец подоцна од вообичаеното денеска почнува наставата за околу 270.000 основци и средношколци, меѓу кои 19.000 првачиња. Помал дел од нив наставата ќе ја следат во училишните клупи, а за останатите наставата ќе се одвива на далечина поради пандемијата со Ковид-19.

Во училишниот двор на ОУ „Јан Амос Коменски“ првачињата се запознаа со наставниците, а присутни беа и премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска.

– Драги првачиња денеска е посебен ден за вас затоа што денеска првпат ќе седнете во училишна клупа и ќе станете ученици. Мене ќе ми биде драго ако оваа година ви е интересна. Можеби ќе биде поинаква, но и потешка во дадени моменти, но сигурна сум дека ќе биде успешна. Вие сите носите маски и токму со наставниците треба да зборувате зошто ги носите, зошто треба редовно да миеме раце и да држиме дистанца. Драги наставници, директори за првпат сме во оваа ситуација и сите ние се прилагодуваме на новото време, но ако се грижиме за равојот на децата тогаш сме ја завршиле работата. Во мене можете да гледате партнер за заедно да направиме на децата да им е полесно. Овој предизвик ќе го надминеме и ќе покажеме дека и во ваква ситуација знаеме да организираме успешна година – истакна Царовска.

Премиерот Заев истакна дека со почитување на мерките и оваа учебна година ќе биде успешна.

-Се радувам што сум овде исто како и децата. Денеска сите првачиња го заслужуваат најголемото внимание и сме должни да и го дадеме. Мене ми е посебно драго што во ова училиште можам да ви го честитам првиот училишен ден. Овој ден е посебен и ќе го паметите цел живот. Ова е првиот од илјадниците денови на училиште. Знаењето кое ќе го примате ќе ви помогне да станете лекари, градители, сликари, новинари, глумци и така натаму. Оваа школска година не е како минатите, сите мора да сме солидарни и да се придржуваме до мерките. Само така ќе се погрижиме да биде прва и последна година. Ученици, постојано носете маска и често мијте ги рачињата. Ова да го повторуваме секој ден и да си го кажуваме меѓусебе постојано, истакна Заев.

Инаку од Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека утрово нема посериозни пречки за одржување на онлајн наставата, додавајќи дека институцијата е во постојана комуникација со тимот од ФИНКИ и Бирото за развој на образованието кои работат на платформата за учење на далечина.

„Министерството за образование и наука информира дека за успешно одржување на онлајн настава најважен е делот од платформата којашто е базирана на Мајкрософт тимс. Последните тестови што се одвиваа во текот на вчерашниот ден, без проблеми се најавија и се приклучија на Мајкрософт тимс сите ученици коишто ги имаат добиено лозинките во текот на минатата недела. Исто така, во моментот ФИНКИ работи на оптимизација на останатиот дел од платформата“, соопштија од МОН.

На почеток