Македонија

(ВИДЕО) Пендаровски: Не очекувам оваа ситуација да се користи за добивање политички поени“

Во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ денеска се одржа деветтата седница на Советот за безбедност на којашто се разговараше за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид -19 на територијата на Република Северна Македонија и мерките и активностите на надлежните институции.

По седницата, претседателот Пендаровски повика на доследно почитување на заштитните протоколи за превенција од Ковид-19.

Во однос на можноста за повторно прогласување на вонредна состојба, претседателот Пендаровски изјави дека во претходниот период прогласувањето на вонредната состојба овозможи во недостаток на функционално Собрание, Владата да може да носи уредби со законска сила.

Според претседателот Пендаровски, во моментов имаме функционално Собрание, кое може да носи закони и има јасно парламентарно мнозинство.

Претседателот упати апел до граѓаните за одговорност, меѓусебна солидарност и претпазливост. Во отсуство на вакцина или лек за оваа болест, нема друга алтернатива освен доследно почитување на заштитните протоколи – физичка дистанца, носење маски и драстично, драстично намален број на дружби и семејни собири, додаде претседателот.

„Поради есенскиот бран на пандемијата, здравствениот систем се реорганизира, се ангажираат дополнителни капацитети, се прават максимални напори да се тестираат што е можно повеќе лица и да се згрижат и третираат што е можно повеќе пациенти. За жал сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува, секојдневно имаме значителен број на заболени, а бројот на оние чиј живот згаснаа поради ковид-19, исто така, е во пораст“, истакна претседателот Пендаровски.

Претседателот доаде:

„ Во оваа прилика сакам посебно да нагласам дека ниту во владата, ниту во министерството, ниту во комисијата за заразни болести не е собран сиот ум и сето искуство во светот, така што секоја добронамерна и конструктивна критика за подобрување на нашиот национален, државен одговор на пандемијата е добредојдена. Кај министерството и во владата во целина, постои и мора да постои добра волја и подготвеност сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени.

Се разбира, лично не очекувам и мислам дека никој не очекува оваа ситуација да се користи за добивање на политички поени, затоа што, не знам како некој воопшто мисли да добива политички поени кога реално сите сме губитници со високите бројки на заразени и починати наши сограѓани кои ги бележиме секој ден“, истакна Пендаровски.

На почеток