Скопје

Три лица обвинети за производство и продажба на марихуана во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истражна постапка, поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од обвинетите, како соизвршители, неовластено произведувале и држеле наркотична дрога – марихуана. За таа цел, едниот обвинет ги ставил на располагање дворот и просториите од семејната викенд-куќа во Визбегово. Заедно со другиот обвинет ги прилагодиле просториите за одгледување на растението Cannabis и засадиле стебла од ова растение. Вториот обвинет, при претрес на 24 септември, бил затекнат во дворот од куќата во момент кога ги кастрел цветовите од стеблата и ги мерел по тежина за натамошно пакување. На локацијата биле пронајдени 15 растенија канабис со поединечна висина од 19 до 80 сантиметри, девет свежо искршени гранки со лисја и врвни делови, 20 искршени и делумно соголени гранки со лисја и вршунки канабис, како и дигитална вага.

Во домот на третиот обвинет, пак, на улица „Христо Смирненски“ биле пронајдени и одземени 99,72 грама наркотична дрога – марихуана, 33 семки од растение од растителниот род Cannabis како и 2,8 милилитри хашиш смола во два шприца.

Поради опасност од бегство и можност да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за тројцата обвинети.​

На почеток