Македонија

Почина Мите Костов, претседател на Партијата на Власите во Македонија

На 61-годишна возраст денеска почина Мите Костов Папули, претседател на првата влашка политичка партија во нашата држава. Папули ја изгубил битката со Ковид 19.

Мите Костов Папули е роден во с.Аџибегово, Светиниколско, а дипломираше и магистрираше на Економскиот факултет во Скопје. Беше долгогодишен активист и борец за влашкото прашање, со својот ангажман даде огромен придонес за промовирање и афирмирање на влашкиот јазик и култура, долгогодишен претседател на Лигата на Власите, иницијатор за формирање на Влашката редакција при МРТ, Меѓународниот совет на Власите, иницијатор за формирање на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, за изучување на влашкиот јазик во основните училишта и на Филолошкиот факултет во Скопје.

Денес не напушти уште еден мој пријател и соработник, г-динот Мите Костов, претседател на Партијата на Власите во Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејството Костови, нивната загуба е непроценлива., напиша на својот ФБпрофил претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски во објавата додава:

Г-динот Мите Костов беше искрен и чесен човек, вреден работник и посветен пријател кој секогаш интересите на влашката заедница и македонската држава ги ставаше на прво место.Заедно победивме многу битки, заедно бевме и во добро и лошо и во периодот кога бев Генерален секретар, но и сега како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Г-динот Костов за жал не успеа да ја победи најважната битка. Ова потврдува дека здравствената криза е сериозна закана. Се сеќавам како секогаш придонесуваше со својата мудрост и искуство и се бореше за своите цели. Премногу тешко е да се збогуваш со неколку соработници за неколку недели, но ветувам дека ние ќе продолжиме да го одиме патот каде што застанаа моите соработници и пријатели.Мите Костов, пријателе, почивај во мир, лесна ти земја. Секогаш ќе те паметиме!

На почеток