fbpx
чет. Ное 26th, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Станковски: Бугарското вето го распламти духот на Тито

Автор: Ѓорѓи Станковски

Претседател на младинската организација на политичка партија Обединети за Македонија. Работејќи три години во бизнис организација за економска соработка на РС Македонија и Бугарија, има комуникација со луѓе од двете држави, разбирајќи ги чувствата и мислењата во Македонија и Бугарија.

Моето мислење за бугарското вето може да се опише со една реченица: Ветото е краткорочно задоволство на едната страна. Чудно е како едно од основните правила во физиката, акција-реакција, станува правило во политиката: со ветото – Бугарија го распламти духот на Тито во Македонија.

Духот на Тито не беше згаснат на територијата на Македонија. Беше повикуван кај одредени ликови и организации, но не со толкава сила. Освен некогаш протнат низ некој Фејсбук статус или спомнат на некој настан, мал чад се поткреваше од неговиот дух. Ветото го распламти духот во години кога полека, полека исчезнуваше и фокусот беше насочен кон запад.

Јас ги почитувам сите мислења и ставови и уживам да дискутирам со луѓе со различни мислења. Такви сме ние реалните десничари и демократи – доколку го почитуваш моето мислење, ќе го почитувам и твоето, но ако почнеш со навреди или ако целиш дека само твојот став е вистинскиот, тогаш не ми кажувај дека си десничар или левичар, а оставаш впечаток дека си обичен авторитарен комунист или фашист.

Бугарија направи многу за нас од осамостојувањето. Но, еден лош потег во надворешната политка може целото тоа да го урне. Иако благодарни, раните од југословенското минато и советската политика не се уште зараснати низ македонската земја. Секако, длабоката рана и омраза, најобјективно гледано е создадена со взаемна соработка на комунистичките режими во двете земји (1945-1948). И тоа ние го знаеме – и Бугарија го знае!

Секако, како и во секоја приказна, реална или не – за танго се потребни двајца. Секогаш имам едно пред вината да ја префрлам на другата страна и едно златно правило: Секогаш кога ќе го насочиш прстот кон комшијата, погледни си во својот двор.

Грешката е на двете држави во целиот процес, а бугарското вето е една катастрофална стратешка грешка на Бугарија во однос на надворешната политика кон РС Македонија.

Да почнеме од почеток…

По потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, двете страни освен историската комисија, си ветија на хартија дека взамно ќе си помагаат и соработуваат на локално, културно и економско ниво. Тука е грешката. Ѕидот, создаден од двата комунистички режима што полека почна да се рони со Договорот се крена повисоко со ветото. Ние не се познаваме прво меѓу себе. Иако имаше заеднички проекти во овие сектори, сепак беа премалку за да се вклучат повеќе луѓе и да се види дека од другата страна на границата нема чудовишта, туку обични луѓе кои делат иста култура.

Не можеш на еден човек што е раснат во друга клима, образовно му се вградувало мајндсет на омраза, со сила и омраза да го натераш да сака нешто.

Секако, делењето на иста култура, го носи и делењето на балканскиот синдром: Водењето на емоционална политика, наместо практична политика. Зарем ако двете држави соработуваа повеќе на реалните, сегашни проблеми во 21-ви век, природно немаше ли да се создаде поволна клима за решавање на прашањата?

Потфрливме во реалната соработка со реалните проблеми. Фокусот го ставивме на емоциите и минатото, без да се фокусираме на сегашноста и иднината. Нас историјата и насилното претискање од едната страна нема да ни донесе подобро утре. Зарем не научивме од историјата, заедничката или посебната, дека секоја сила од едната страна, придонесува на одбивност и лоша реакција од другата страна?

Оставивме кружоци во Бугарија и Северна Македонија медиумски да ја ставаат историската комисија во преден план и на насловни страни низ весниците. Па и со Грција постои историска комисија, но фокусот е на взаемната соработка и сегашните, реални проблеми.

Од друга страна, опозициските партии во Северна Македонија наместо конструктивно да помогнат во изнаоѓање на решение, со сета сила се нафрлија на сегашната владина гарнитура, испуштајќи емотивни пораки, без практично и конструктивно решение.

Но, што и може да се очекува од лидери на партии кои протестираат за време на пандемија, а потоа поради пандемијата бегаат од избори, плашејќи се за и така занишаната скапа кожнена фотеља, купена од човек во Будимпешта, што немаше храброст машки, комитски да се соочи со правдата. Зарем би очекувале конкретен став?

Да заклучиме, проблемот е што РС Македонија и Р. Бугарија не се фокусираа на реалните проблеми, реалната комуникација и соработка. Кочењето на економската соработка, културната размена и запознавањето и дружбата пред се, беа клучен и нормален фактор во 21-ви век по природен пат да се осознае вистината. Можеби ќе се нафрлат врз мене дека се работело – да, се работело, но очигледно недоволно.

Македонската рана и комунистичкото семе на омраза кое е веќе израснато, не се уништува за една, две или три години. Се уништува со приближување, создавање заеднички емисии, медиумска соработка, економска соработка итн. Бугарското вето само го доизгради веќе почнатиот разронат ѕид на Осогово и уште толку ја турна Северна Македонија во бунарот на анти-западното влијание, иако лизгаво по ѕидовите почна да се искачува со подадена рака.

—–