Во изминатиот период сведоци сме на сите лажни ветувања со кои оваа гарнитура на СДС дојде на власт, критикувајќи ги тогашните состојби воедно ветувајќи промени. Еден од најексплицитните примери за тоа е грижата за Охридското Езеро и алармантното ниво на водата, истакна денеска Сашо Донев, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Донев додаде:
Тогаш критикуваа и објаснуваа како треба. Дека никој нема право да ги злоупотребува природните богатства за да прикрива неодговорни политики, а сега состојбата е најдраматична од било кога, односно никогаш не била ни приближно како што е денес.
Во времето кога држеа пресови симулирајќи наводна паника им ветуваа на граѓаните поинакво менаџирање.
За потсетување Охридското Езеро нема концесионер, дивите градби околу езерото не се срушени, а освен палмите ниту една мерка не е спроведена од препораките на УНЕСКО.
Ги охрабруваме невладините организации, екологистите и Хидробиолошкиот завод кој егзистира децении на брегот на езерото, да се јават со свој официјален став, да бидат јасни и гласни околу последиците од ваквата алармантна состојба и последиците коишто ќе следат по флората и фауната на езерото. Заштитата на растителниот и животинскиот свет во езерото е должност и обврска на Заводот како институција којашто треба да се грижи за еко-системот на езерото.
За жал со оваа власт нема и нема да има заштитата на Охрид и Охридското Езеро според препораките од УНЕСКО. Имаше и ќе има само лажни вести и мачкање на очи. Но замачканите очи сепак гледаат, а умот и разумот на граѓаните бележат, истакна Донев.