Македонија

Владата прогласи кризна состојба

Владата на Република Северна Македонија на денешната 23-та седница донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението.

Ова е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата.
Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.

Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба.

Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

Владата донесе заклучок и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба.

На почеток