Мој принципиелен став е дека ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за спорот со Бугарија.
Тој објавата ја напиша откако бугарскиот новинар Љубчо Нешков, кој го интервјуираше премиерот Зоран Заев, рече дека Димитров е поопасен од коронавирусот за Бугарија. Димитров во својата објава пишува:
-Идејата на договорот беше историјата да им се остави на историчарите, за ние да се занимаваме со сегашноста и со иднината. Да ги решаваме билатералните прашања билатерално, без тие да бидат пречка на патот кон ЕУ.
Македонскиот јазик и самоопределување, државотворноста и идентитетот ниту можат да бидат пречка за интеграција со Унија, која почитува културни и јазични различности како темелна вредност, ниту можат да бидат пречка за вистинско пријателство, бидејќи тоа секогаш се базира на взаемна почит.
Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување.
Ова е бесмртниот “вирус” на идеали против кој залудно се бара “вакцина”.