Македонија

Филипче: До овој момент нема специфична терапија за Ковид-19 никаде во светот, пациентите се лекуваат според клиничката слика

Министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дека доктори во последните денови алармираат за тоа дека можеби се води погрешна стратегија во лекувањето, истакна дека не треба да се препорачуваат лековите кои не се докажани дека помагаат при лекувањето.

– До овој момент нема специфична терапија за Ковид-19 никаде во светот. Нема ниту еден лек кој е потврден да биде специфичен за оваа болест. За лекот „Фавипиравир“ се водат близу 30 студии во светот. Лекот „ремдесивирот“ е неспецифичен за оваа болест, но има одредени докази дека влијае на скратување на периодот на хоспитализација, не на преживување. Во смисла на тоа целокупната терапија се препишува и за тоа матичните лекари имаат насоки согласно состојбата, клиничката слика, прегледите, а доколку се укаже или се индицира потреба пациентите се упатуваат во болниците, рече Филипче.

Тој упати апел до граѓаните дека мора да разберат дека во оваа состојба вирусот ќе опстане и е практично широко распространет.

„За секој еден од нас е ризик. Мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагол пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок како што беше пред неколку недели кон болниците. Се уште постои, но не со таков интензитет. Позитивни се вестите кои доаѓаат во однос на вакцините. Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме преку КОВАКС системот, тој систем кој ќе профункционира тогаш кога ќе почнат да ги даваат вакцините и кон алијансата ГАВЕ, СЗО, УНИЦЕФ.  Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Сепак, тоа е една одлична вест што следната година верувам дека ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот. Во таа насока, ќе може да очекуваме и стабилизација“, потенцираше Филипче.

 

На почеток