Македонија

Милевски: Со реновирање и реставрирање на Св. Пантејлемон како монашко светилиште го јакнеме манастирскиот туризам

Повеќе од потребно беше да извршиме реконструкција и реставрација на конаците кои некогаш го симболизираа вистинскиот црковен дух и беа парче од манастирскиот мозаик во комплексот Св. Пантејлемон на Водно, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски за време на денешната посета и увид на градежните работи во манастирот. Предвидено е Св. Пантејлемон и понатаму да остане отворен за посетители, а е од особена важност за општина Карпош, претставува најзначаен културно – историски споменик и е главен симбол на општината за што говори и фактот дека во самиот грб на општина Карпош е вметната ѕвездата од манастирот.

– За овој проект, аплицираше локалната власт и ние како министерство заедно со Бирото за регионален развој одобривме 6 милиони денари бидејќи Св. Пантелејмон е дел од нашето културно наследство. Замената на столаријата беше повеќе од неопходна (дрвени врати и прозори), секако проследена со внатрешно уредување и пренамена на одредени простории, менување на подот, но со задржување на стариот стил т.е поставување на бродски под, реконструкција на тоалетите и поставување на нова електрична инсталација во конакот, нов систем за вентилација, нов противпожарен систем за дојава на пожар кој е од големо значење за сигурноста и безбедноста на просториите и самиот манастирски комплекс. Со сите овие интервенции, ја враќаме автентичноста на внатрешниот простор и секако ќе се задржи автентичноста на надворешниот изглед на манастирскиот конак. Идејата е овој комплекс да се изреновира согласно насоките од МПЦ и да стане уште едно монашко светилиште, со кое ќе можеме да се претставиме пред туристите кои ја посетуваат државата, порача Милевски.
Во завршна фаза се конзерваторски и реставраторски работи на главниот конак на Свети Пантелејмон.

Според него манастирот, кој во поновата историја беше познат како ресторан каде што се правеа свадби и веселби, сега тежнее да го врати вистинскиот дух на црковен духовен центар во скопската околина. Откако беше изграден комплексот „Македонско село“, а со тоа и дислоциран ресторанот од манастирот, Синодот на МПЦ ја почна иницијативата за заживување на овој манастир, како вистински духовен центар со монашко братство.

Предвидено е манастирот и понатаму да остане отворен за посетители, односно ќе биде манастир од отворен тип, а е од особена важност за општина Карпош рече градоначалникот и потенцираше дека манастирот претставува најзначаен културно – историски споменик и е главен симбол на општината за што говори и фактот дека во самиот грб на општина Карпош е вметната ѕвездата од манастирот Св. Пантелејмон.

– Сега е класичен манастирски комплекс и навистина сметам дека како таков заслужува внимание бидејќи освен на Карпош, бележи и на државата и на градот Скопје како културно наследство заштитено со закон којшто го имаме во Македонија, вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Министерката за култура говореше за тоа дека се радува што со враќањето на автентичноста на главниот конак, манастирскиот комплекс го добива својот заслужен и единствен лик. Во доцните 70-ти од минатиот век бил направен обид за нејзино впишување на листата на културни наследства на УНЕСКО, за жал тоа не се случило.

– Верувајќи дека денеска се создадени сите услови за повторно аплицирање ја преземам одговорноста и честа заедно со Националниот Совет за заштита на културното наследство, како што тоа го направивме и за црквата во Курбиново, да ја отпочнеме подготовката за пишување за тентативната листа на УНЕСКО и на оваа црква од 12-ти век, Св. Пантелејмон во Нерези. Нашата земја изобилува со вакви различни културни добра, вредни за споделување со светот. Заштитата на културното наследство е приоритет на оваа Влада. Св. Пантелејмон е заштитник на лекарите, нека им е на помош и на нив и на оние на кои особено сега им е неопходна нивната помош, додаде на крај министерката, Стефоска.

На увидот присуствуваа вицепремиерот за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министрите за локална самоуправа и за култура, Горан Милевски и Ирена Стефоска, директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи и поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан.

На почеток