Македонија

Две котларници на „Фагус“ од Пехчево што согоруваат отпаден дрвен материјал потенцијално емитираат прашина и штетни гасови

По претставка од граѓани, Државниот инспекторат за животна средина вчера изврши контрола на емисиите во дрвниот комбинат „Фагус“ во Пехчево.

При контролата било утврдено дека двете котларници што согоруваат отпаден дрвен материјал од технолошкиот процес потенцијално емитираат прашина и штетни гасови. Истовремено, спротивно на обврските утврдени со одобрениот Елаборат за заштита на животната средина, не се вршени мерења од акредитирана лабораторија.

Од Инспекторатот најавија дека за да се спречат емисиите во воздухот, ќе се спроведат соодветни мерења во присуство на надлежен инспектор и доколку има надминувања, ќе се утврдат потребните мерки. Заклучено е дека постапувањето со отпадот на локацијата, исто така, треба да се подобри.

„Надзорот на оваа инсталација не е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, но се вклучуваме поради недоволно постапување од овластен општински инспектор. Откако субјектот ќе ги спроведе мерките за заштита на животната средина, надлежен општински инспектор ќе мора да продолжи да врши редовен надзор. Се грижиме за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и решително продолжуваме со борбата против загадувањето“, велат од Инспекторатот.

извор: МАКФАКС

фото:  Danas

 

На почеток