Македонија

Битиќи: Економијата заздравува, мерките од петтиот пакет носат развој

Заменикот на Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи вчера вечер гостуваше во емисијата Топ Тема, на телевизија Телма, кадешто за актуелни економски теми дебатираше со претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска и претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Осврнувајќи се на Петтиот пакет економски мерки за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, вицепремиерот посочи дека овој пакет, како и претходните, е креиран во широки консултации со сите чинители, стопанските комори, синдикални организации, организации на работодавачи и други социјални партнери, со цел соодветно да одговори на реалните потреби на стопанството, на сите микро, мали, средни, па и големи компании, како и да се зачува секое едно работно место.

„Сите економии, вклучувајќи ја и нашата, се обидуваат да се прилагодат на новата ситуација, а дека сме на вистински пат покажуваат повеќе индикатори. Падот на економските активности, кој беше во првите месеци на пандемијата е значително поголем во споредба со последните месеци. Индустриското производство бележи тенденција на раст, исто така со тенденција на раст е и трговската размена со странство. Приходите во буџетот исто така се во пораст, ако се земе во предвид периодот по април, кога беше и пикот на пандемијата. Ги следиме секојдневно бројките поврзани со приходите од ДДВ и другите даноци, не велиме дека овие бројки се подобри од 2019 година, но тенденцијата е во позитивен раст и затоа велиме дека економијата заздравува. Сите мерки кои ги имаме креирано во Петтиот пакет се во духот на економското заздравување и развој“, посочи вицепремиерот Битиќи.

Втората мерка во Петтиот пакет, односно бескаматните кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија, е насочена за поддршка на најпогодените сектори, како што се туризмот, угостителството, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, а преку оваа мерка компаниите од овие сектори може да добијат поголеми средства во износ од 3-30 илјади евра, кои може да ги користат и како ликвидни средства, но и за обезбедување на плати за вработените.

„Компаниите ќе добијат 12 месеци грејс период, тоа е долг период во кој ќе располагаат со средствата. Доколку во рок од една година, компаниите покажат позитивен финансиски резултат и го имаат зголемено за 5% бројот на вработени, 50% од кредитот ќе биде неповратен, односно грант. Како за илустрација, ако компанија земе кредит од 30 илјади евра, покаже позитивни резултати и ако имала 5 вработени, а сега вработи уште 1, тоа е повеќе од 5%, може да очекува да 50% од кредитот, или 15 илјади евра да бидат грант. Тоа е значителна директна помош за најпогодените сектори“, нагласи вицепремиерот.

Битиќи рече дека досегашните предвидувања и активности на Владата во однос на ковид кризата даваат резултат, оваа година ќе биде година на заздравување на економијата, но додаде дека сепак оваа криза не е целосно предвидлива и во случај да има потреба од дополнителни мерки, ќе треба да се постигне широк консезус во општеството за да се обезбедат доволно средства за да се искреираат и аплицираат тие дополнителни мерки, кои би се однесувале на поддршка за исплата на плати за вработените.

„Ако има потреба за дополнителни финансиски средства токму за мерката финансиска поддршка за плати и низа на други мерки секако треба да постигнеме консензус, дека на крај на денот ќе се задолжиме дополнително, да најдеме нови извори на средства коишто ќе отидат за помош на стопанството. Но јас сум кажал, дека тоа не е проблем и не треба да претставува проблем ниту за стопанството, ниту за Владата, ниту за граѓаните, се додека на транспарентен начин се кажува дека се трошат тие средства за да се помогне економијата, да се помогнат граѓаните, за да ги зачуваме работните места итн. Се додека тоа се основните принципи за тоа како ги трошиме средствата мислам дека ќе постигнеме таков консензус. За сега, моето очекување е дека не би имало потреба од таква мерка понатаму. И сега, таа мерка е само дел од вкупниот обем на мерка, вкупно 160 милиони евра се на располагање со петтиот пакет, оваа мерка носи 20% од вкупниот пакет и затоа не би сакал да ги минимизираме другите. Јас знам дека и овде го аплицираме „парето“ системот, а тоа е 20% од мерките зачувува 80% од работните места и одиме кон тоа, дека е потребно. Но да не ги занемариме 28 други мерки кои се компилирани заедно со стопанските комори и синдикатите“, рече вицепремиерот Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека е потребна побрза динамика во носењето на законски решенија со кои ќе се овозможи примена на одредени мерки за поддршка на стопанството.

„Ние во овој момент имаме дел од мерките од четирите пакети кои се спроведени, а заедно со овој пакет од 160 милиони евра доаѓаме на 1,150 милијарди евра коишто опфаќаат мерки, кои нема да се спроведат само до декември 2020, туку ќе се спроведуваат и некои ќе се спроведуваат до декември 2021, па и понатаму со една претпоставка дека законските решенија нема да заглават по 3 месеци во собраниски процедури. Ние имаме 2,5 месеци несвикана Комисија за финансии и буџет, во којашто треба да се гледаат законските решенија. Поднесовме 3 закони, Законот за државна гаранција, којшто треба да ни обезбеди, а средствата се веќе алоцирани, си стојат во Развојната банка, минимум 18 милиони евра како инструмент за државната гаранција коишто би требало да донесе 120 милиони евра во стопанството во име на ликвидност и поддршка на инвестиции. Не е возможно во овој момент, затоа што законското решение не е донесено“, нагласи вицепремиерот и посочи дека ковид кризата придонела до унапредување на одредени административни процеси, кои преку процес на дигитализација овозможија побрз проток на документација, но и сигурност на граѓаните во однос на заштита од коронавирусот.

фото: ЗПВРСМ

На почеток