Во Клубот на пратеници во Скопје започна лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која како што беше најавено, ќе разговараат за претстојниот попис, работата на Парламентот, изборите, пандемијата, економијата, евроинтеграциите…
Пред почетокот на средбата премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев во изјава за МИА истакна дека очекува да најдат заеднички решенија за пописот да се спроведе непречено, со целосна заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите и истиот да го поддржи и ВМРО-ДПМНЕ.
-Одам да разговарам, да чујам став и да поттикнам да вложиме максимум за интересите на граѓаните, истакна Заев.
Премиерот потенцираше дека останува отворен да разговараат и за прашања поврзани со работата на Собранието со цел да се отстранат сите блокади и да се обезбеди непречена работа во корист на народот, како и за темите поврзани со локалните избори наесен.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак пред почетокот на средбата брифираа дека на маса ќе се стават најжешките прашања – прашањето за влада, темата со пописот, како и дијалог за законите кои ќе значат вистински бенефит за граѓаните.
-Состојбата во државата е загрижувачка. Дефакто освен економската, и здравствената криза, земјава се наоѓа и во политичка криза. Секојдневието во Македонија е триесетина мртви и над 1.300 ново заразени. Први по смртност, последни по вакцини во Европа и светот. Први по степен на корупција, последни по реформи. Очигледно е дека оваа Влада нема капцитет да ја води земјава, државата се наоѓа во деликатна и сложена состојба. Секој поминат ден е слободен пад и уште еден нов пораз, велат од опозициската партија.
фото и видео: Влада