Свет

Нова студија покажува дека проблемите со забите можат да бидат ризик-фактор и за Ковид-19

Германското друштво за пародонтологија, повикувајќи се на нова студија, предупредува дека пародонтитисот, слично како и некои други болести, треба да се смета за фактор на ризик за тежок облик на Ковид-19.
Пародонтитисот, познат и како пародонтоза, е бактериско воспаление на непцата. Наследен фактор, пушење, лоша орална хигиена или погрешен начин на миење на забите, можат да предизвикаат создавање на наслаги од бактерии кои го напаѓаат забното месо. Тоа воспаление често останува неоткриено, бидејќи не предизвикува болка. Се забележува најчесто дури откако забите ќе прокрварат, објави DW.COM.

Научниците, користејќи електронски медицински досиеја, го испитувале текот на болеста кај 568 заболени од Ковид-19 во болниците во Катар во периодот меѓу февруари и јули 2020 година.
Според студијата објавена во специјализираниот магазин „Журнал на клиничката периодонтологија“, пациентите со Ковид-19 кои имале пародонтитис морале 3,5 пати почесто да бидат лекувани на одделенијата за интензивна нега и 4,5 пати почесто да бидат ставани на респиратор. Исто така, тие умирале речиси девет пати почесто од пациентите со здрави заби и непца.

Бактериите од устата преминуваат на белите дробови

Научниците воочиле дека пациентите со пародонтоза вдишуваат бактерии кои, на тој начин, од устата влегуваат во белите дробови и таму предизвикуваат дополнителни воспаленија, особено кај пациентите кои се на респиратор.
„Тоа може да придонесе за влошување на здравствената состојба на пациентите со Ковид-19 и да го зголеми ризикот од смрт“, вели авторот на студијата Маријано Занц. Поради тоа, тој препорачува пред употребата на респиратор, на пациентите кои имаат пародонтоза да им се дезинфицира усната шуплина.
Според Германското друштво за пародонтологија, студијата укажува на „важноста на пародонталното здравје во поглед на превенцијата, а можеби дури и на управувањето со компликациите со Ковид-19“. Затоа лекарите советуваат да не се занемарува негата на забите и непцата ниту во време на пандемија.

Текстот во целост на:DW.COM.

На почеток