Свет

Индија почна со дистрибуција на нов, домашен лек за лекување на симптомите од Ковид-19

Индија почна со дистрибуција на нов, домашен лек за лекување на симптомите од Ковид-19. Властите го одобрија лекот 2-ДГ, кој ќе се користи за првпат во болниците низ главниот град на Њу Делхи, објави Би-би-си. Во соопштението на Владата се вели дека лекот ќе биде од голема корист за луѓето кои страдаат од Ковид-19.

Сепак, некои критичари предупредуваат дека нема доволно податоци за поддршка на итно одобрување на лекот за третман против Ковид-19.

Лекот – 2-деокси-Д-гликоза или 2-ДГ – е развиен од Организацијата за истражување и развој на одбраната (ДРДО) во соработка со фармацевтската компанија „Д-р Редис“.

Резултатите од клиничките испитувања покажаа дека оваа молекула помага за побрзо закрепнување на хоспитализираните пациенти и ја намалува дополнителната зависност од кислород, објави индиската влада. Владата соопшти дека лекот ќе се користи како дополнителна терапија во умерени до тешки случаи на заболени со коронавирус.

Со повеќе од 24 милиони случаи и 270.000 смртни случаи, Индија сега е епицентар на глобалната пандемија. Болниците низ целата земја веќе немаат празни кревети за нови пациенти или кислород, додека крематориумите остануваат без простор.

извор: Макфакс

На почеток