Македонија

Актуелниот градоначалник на Гази Баба кандидат на СДСМ за нов мандат

СДСМ вечерва објави имиња на уште пет кандидати за градоначалници, со што официјално се познати вкупно 35 имиња со кои социјалдемократите ќе ја бараат довербата од граѓаните на локалните избори во октомври.

Петте нови имиња, како што објави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, вечерва се потврдени на седница на Извршниот одбор на СДСМ. Станува збор за кандидати за општините:

Неготино – Тони Делков;
Гази Баба – Борче Георгиевски;
Могила – Јасмина Гулевска;
Берово – Звонко Пекевски;
Ранковце – Даниел Крстевски.
Делков, Георгиевски, Гулевска и Пекевски се актуелни градоначалници и на изборите ќе се борат за нов мандат. Ранковце, пак, актуелен градоначалник е Ивица Тошевски кој пред четири години беше избран како независен кандидат.

Николовски вели дека петмината кандидати објавени вечерва се потврдени откако биле спроведени анкети, биле направени анализи во партиските органи и биле консултирани партиските членови.

„На нешто помалку од три месеци пред изборите имаме потврдени кандидати во 35 општини, односно веќе имаме потврдени кандидати за повеќе од една третина од сите општини во државата. Машината на СДСМ е во погон, неуморно работи во сиот овој изминат период“, вели Николовски.

To Top