Видео и Фото

ВИДЕО: На Грција и се случува поголем ужас со пожарите од нашиот, се евакуира население насекаде

Во грчката област Атика беснее голем пожар, а гори и во Евија, Илија и Месинија.

Утрово, во раните утрински часови, жителите на Капандрити, Полидендрија и областите Агиос Стефанос, Пефкофито и на населбата Понтија добиле порака да ги напуштат своите домови, пренесува грчки „Етнос“.

Во четвртокот, околу 23 часот, жителите почнаа да ги напуштаат Агиос Стефанос, Капандрити и Полидендри.

Сите напори се оперативно насочени да се спречи ширењето кон високонапонскиот центар во Агиос Стефанос, кој, како што пренесуваат медиумите, е загрозен и кој ги снабдува Атика и Кикладите со електрична енергија. Според пишувањата, доколку огнот го зафати овој центар, тоа би значело непроценлива катастрофа.

Како што нагласи премиерот на Грција, Мицотакис, во своето итно обраќање, „тешкотиите се пред нас и ноќта е закана“, а во исто време објави прогласување вонредна состојба во шест региони, вклучувајќи ја и Атика.

Непосредно пред полноќ почна евакуацијата со брод на жителите на загрозените села во Евија.

Големиот пожар што гори во Евија од вторникот сѐ уште не е под контрола, а според последните информации, пламенот стигнува до селата Скепасти и Куркули. Агонијата трае и во селата Амелантес и Керамеја.

Градоначалникот Мантуди рече дека 25 села се евакуирани и дека огнот гори веќе три дена. Како што беше речено, сите села свртени кон Егејското Море беа изгорени. Пожарот, поради ветровите, се движи со голема брзина и силите на противпожарните бригади и пешадиските единици вложуваат големи напори да го држат пламенот подалеку од куќите.

Исто така, е наредена евакуација на три населени места лоцирани во Аркадија поради големиот пожар што гори од средата во Месинија. Тоа се населбите Васта, Исарис и Чранои.

Во вонредното обраќање до граѓаните премиерот Мицотакис предупреди за тешките часови што доаѓаат во текот на ноќта поради катастрофалните пожари што беснеат во земјата, особено во областите Атика, Евија и Илија.

Тој упати важна порака до граѓаните нагласувајќи дека „сите мора да останат обединети“. Исто така, Мицотакис објави дека заедно со Цивилната заштита е направен план за итни ситуации во шест региони, вклучувајќи ја и Атика.

Мерките што ќе бидат во сила до понеделник, 9 август, забрануваат движење, поминување или престој во шуми, национални паркови и природни области на целата земја.

Во исто време, сите активности или дејства што може да предизвикаат пожар се забранети. За секој прекршок, освен сериозни кривични санкции, предвидени се глоби од 1.000 до 10.000 евра.

Силниот ветер вчера ги прошири шумските пожари северно од Атина.

На почеток