Една помалку позната германска компанија “Elantrie” направила конверзија на рускиот теренец во електрично возило. Лада Нива се вбројува меѓу најевтините теренци во Европа, а по повеќе од четири децении колку што е присутна на пазарот, добила и електрична верзија.
Со оглед на тоа дека рускиот теренец секако е евтин, Германците не сакале премногу да го оптоварат буџетот на потенцијалните купувачи, па и конверзијата е повеќе од пристапна. Германската компанија докажала и дека електричниот автомобил не мора да биде скап, со оглед на тоа дека конверзијата чини околу 2.800 евра, доколку веќе поседувате Нива, додека вкупната цена на ова возило со вградени електрични компоненти е 19.900 евра.
Наместо фабрички бензинец со 83 коњски сили, вграден е електромотор од 88 коњски сили.
Во компанијата “Elantrie” тврдат дека автомобилот е во состојба со полна батерија да мине меѓу 130 и 300 километри, во зависност од начинот на возење, теренот по кој се движи и временските и климатски услови.
Произведувачот наведува дека батеријата по 450.000 минати километри, или 9.000 циклуси на полнење, ќе задржи 80% од почетниот капацитет.
За љубителите на евтини автомобили на струја, вреди да се нагласи дека истата компанија нуди можност за преработка на струја на моделот “Dacia Sandero”.
Извор: Точка
