Актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Маским Димитриевски реагира на изјавата на шефот на изборниот штаб на партијата Љупчо Николовски, според која тој повеќе не е член на СДСМ.
Вели дека е разочаран и искрено жали за таквата шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на СДСМ. Димитриевски рече дека таквата одлука не е легитимна, не е во согласност со статутот на СДСМ, затоа што треба да ја донесе Извршниот, па потоа Централениот одбор, а таква седница не се одржала.
„Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат. Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб”, се вели во писмената изјава на Максим Димитриевски.