Охрид

Охрид прогласена за најтранспаретна општина!

Повеќето општини во државата не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Просечната отвореност на општините годинава е 25 проценти, покажува истражувањето што го спроведе Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Најдобри резултати имаат општините Охрид (51 процент), Василево (48 проценти) и Кочани (48 проценти), а најниско е рангирана општина Пласница (3 проценти). Во првите 10 најтранспарентни општини се и Битола, Кавадарци, Валандово, Велес, Карпош, Прилеп и Гевгелија.

Кај планските региони, најтранспарентни се општините во Југоисточниот регион, со просечна отвореност од 34 проценти, а најзатворени општините во Полошкиот регион со просечна отвореност од 19 проценти.

Според резултатите добиени од истражувањето, голем дел од веб-страниците на општините не ги содржат основните информации барани со закон. Дел од нив, како што е општината Кривогаштани, не се регистрирани на доменот gov.mk, а некои општини, како општина Илинден, имаат две веб-страници. Има и општини, како што е Сарај, чии веб-страниците не ги задоволуваат барањата за кибер безбедност, а има и такви веб страници каде нема функционални алатки за пребарување. Не се ажурираат ниту редовно сите јазични верзии на веб- страниците.

Повеќето општини немаат и некаков документ (стратегија, политика, постапка) за отвореност и транспарентноста.

Генерално не се објавуваат ниту податоци за работењето на јавните претпријатија и работата на советите на општините. Кај голем дел од општините, единствена информација за јавните претпријатија е линк до веб страницата на тоа претпријатие, каде нема речиси никакви документи и информации од корист за граѓаните.

– Загрижувачка е бројката од 21 општина кои немаат објавено никакви податоци поврзани со процесот на донесување одлуки. Ова е значајна област која треба да се подобри бидејќи со поголема пристапност на информациите за одлуките на Советот и градоначалникот, навремено известување за нивната работа, граѓаните добиваат можност за вклучување во донесувањето на јавните политики на локално ниво, се наведува во истражувањето.

Во однос на финансиската транспаретност, општините исполнуваат само 27 проценти од индикаторите. Најдобри резултати во овој дел покажува Општина Карпош (58 проценти), а најниско се оценети Теарце, Сарај, Студеничани, Сопиште, Пробиштип, Врапчиште и Арачиново кои не објавуваат никакви податоци за финансиското работење.

Буџетот на општината го немаат објавено 12 општини, а само 10 општини имаат објавено граѓански буџет. Не се објавуваат ниту податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на Советот на општината.

Само 25 општини имаат објавено време за консултации на градоначалникот со граѓаните.

Истражувањето покажа дека за прв пат годинава се објавени податочни сетови во целосно отворен (машински обработлив) формат од страна на некои општини. Такви се општините Охрид, Кавадарци, Прилеп, Василево, Зрновци, Аеродром, Штип, Ѓорче Петров, Вевчани, Желино, Куманово и Росоман.

– Иако бројката на општини не е голема (12) ова е значаен напредок во работењето на овие ЕЛС и голем исчекор во нивните напори за унапредување на отвореноста во работењето. Националниот портал за отворени податоци, data.gov.mk, до денес содржи 281 сетови на податоци објавени од 57 субјекти, а само 3 од нив се ЕЛС, се наведува во истражувањето.

На почеток