Руските власти денеска го предупредија Фејсбук дека можат да го казнат со до 10 проценти од годишниот промет остварен во таа земја, доколку не ја избрише содржината што Москва ја смета за нелегална.
Државниот регулатор за комуникации, Роскомнадзор, за Ројтерс изјави дека планира да испрати официјално известување до претставниците на Фејсбук во Русија, наведувајќи дека неколку пати не успеала да ги отстрани забранетите информации. Според Роскомнадзор, тоа може да резултира со парични казни во висина од пет до 10 проценти од остварениот промет во Русија, објави весникот „Ведомости“.
Фејсбук, меѓу другото, може да биде казнет и за тоа што не ги отстранил објавите со детска порнографија, злоупотреба на дрога и екстремистичка содржина.
Експертите проценуваат дека Фејсбук има годишен обрт од околу 165 милиони долари во Русија.
Оваа година, Роскомнадзор отвори 17 постапки против Фејсбук, бидејќи не ја отстраниле забранетата содржина, според судските документи. Вкупните казни што може да ги добие и кои ги должи изнесуваат 64 милиони рубли.
Според Роскомнадзор, менаџментот на Фејсбук не ги платил казните.
