Скопје

Каква казна ќе добие наставникот кој тепаше ученик?

Наскоро ќе се знае каква ќе биде казната за наставникот по англиски јазик во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел, кој со шлаканици натепа ученик на час. За тоа ќе решаваат и наставниците во училиштето, и полицијата, а најверојатно и судот.

За овој настан се дозна кога беше објавено видео на социјалната мрежа Тик Ток, што го снимил ученик и на кое се гледа како наставник со шлаканици удира ученик во училница, потоа го крева од земја со двете раце и агресивно го спушта.

По објавувањето на видеото новиот градоначалник на Општина Бутел, Дарко Костовски изјави дека тој како градоначалник веднаш по преземањето на фукнцијата, ќе направи се што е во негова надлежност овој случај да не остане неказнет.

„Малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку и треба најстрого да биде казнето.
Најостро го осудувам настанот со тепањето на ученик од ОУ Панајот Гиновски кое се наоѓа во населбата Бутел 2.
Видеото кое излезе на социјалните мрежи покажува како не смее да постапува еден наставник.
Наставникот не само што го тепа детето, туку со ваквиот чин нанесува тешка траума на ученикот.
Директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка согласно чл.130 и чл. 143 од КЗ.
Одговорност мора да има. На насилниците не им е местото во училиштата.
Наставникот треба да образува и воспитува, а не да застрашува, малтретира и шиканира. Децата од учичиште мора да излезат со знаење, а не со трауми.
Стоп за насилството врз децата.
Доколку институциите молчат јас како градоначалник веднаш по преземањето на функцијата ќе искористам се што е во моја законска надлежност овој случај да не остане неказнет“, изјави Костовски

To Top