Актуелно

(ВИДЕО) Баќа од „Јужни ветар“: Жените ќе флертуваа со мене и да не бев глумец

„Кога пред три години го промовиравме првиот дел на ‘Јужен ветер’ немавме никакви очекувања. Приказната тука требаше да заврши. Не ни помислувавме дека од филмот ќе произлезе серија, па втор дел, а наскоро ќе снимаме и втора сезона од серијата“, вели глумецот Миодраг Радоњиќ кој го игра популарниот Баќа од хитот „Јужен ветер“, во интервјуто кое пред скопската премиера го сними за „Репортер“.

Познатиот српски глумец дојде во Скопје за да го промовира филмот „Забрзување“, кој во првите неколку дена го гледале преку 400.000 луѓе. Пред „Синеплекс“ го пречекаа стотина фанови кои сакаа да се сликаат со него. Миодраг вели дека ужива во дружењето со публиката, иако изморен, оти повеќе од две недели секоја вечер е во различен град. По белградската премиера, „Јужен ветер“ имаше премиери во сите поголеми градови во регионот.

Радониќ со многу жар зборува за филмот, но и за ликот на Баќа, сирак кој завршил во белградското подземје. Иако овој лик го направи популарен на целиот Балкан, Миодраг вели дека со Баќа немаат скоро ништо заедничко.

„Пред снимањето на првиот дел многу размислувавме како ќе го одиграм ликот, го креиравме со режисерот, сценаристите. Тој е импулсивен, а јас морам да размислам што би направил во одредена ситуација. Сега веќе лесно влегувам во овој лик, и само го надоградувам“, вели актерот и додава дека иако познава луѓе од белградското подземје, никогаш намерно не барал да се запознае со некој од нив за подобро да се спреми за улогата.

Ни откри дека со Милош Биковиќ, кој ја игра главната улога во „Јужен ветар“, се пријатели уште од студентските денови, па затоа сè им оди лесно.

„Со Милош се дружиме и приватно, но најмногу во време кога работиме заедно. Се познаваме со години и си веруваме еден на друг. Мислам дека е тоа и најважно, што постои доверба меѓу нас“, рече Миодраг и ни призна дека иако тој е женет, а Милош во врска, девојките и понатаму флертуваат со нив.

„Јас се надевам дека ќе флертуваа дури и да не бев глумец“, рече тој низ смеа.

Во разговор ни откри и дека, настрана муабетот за флертот, му фалат синот и сопругата, кои скоро и да не ги видел откако тргнал на турнеја. Со сопругата Милица се скоро една година во брак и засега, вели тој, добро им оди.

„Сопругата ја разбира мојата професија, свесна е дека отсуствата од дома се неопходни и ме поддржува. Секој слободен миг го користам да се слушам со нив.“, рече Миодраг за „Репортер“, па во интервјуто ни откри повеќе детали за приватниот живот со Милица и за синот Сава.

За студентските денови поминати во Скопје, за љубовта кон театарот, снимањето со протоколи среде корона, кога мислеле дека еден член на екипата на „Јужен ветер“ е позитивен, и зошто блиските помислиле дека побудалел, гледајте го интервјуто.

На почеток