Скопје

Жителите на Ново Маало се против мораториум кај „Холидеј Ин“

Жители на Ново Маало најавуваат тужби доколку, како што велат продолжат обидите за блокирање на реализација на комплексот „Гранд“. Тие истакнуават дека се револтирани од реакциите на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и обидот да се суспендира комплексот на паркингот спроти „Холидеј Ин“, што почна да се гради на 22 ноември оваа година.

– Изминативе 70 години ние бевме жртви на институциите кои нè водеа низ бескрајни лавиринти и нема да дозволиме некои активисти да си поигруваат со нас. Токму поради тие активисти и конкретно сега актуелната советничка во Општина Центар Јана Белчева, ние со години не смеевме да направиме никаква интервенција на сопствениот дом, за колку-толку да си ги подобриме условите за живот, вели Игор Стојанов жител на Ново Маало.

Стојанов посочи дека со меморандумот што Белчева го донесе во 2017 година, како претседател на Советот на Општината претрпеле штета и додава оти таа не кажува зошто е исклучен спорниот ДУП Ј07 на Водно.

– Таа личниот интерес го става пред интересите на нејзините сограѓани во Општина Центар кои ги држи во агонија цели три години со нејзиниот незаконски мораториум. Воедно, најавуваме и дека ќе поднесеме претставка до Советот на Општина Центар, до градоначалникот и до Антикорупциска да го истражат овој случај, а ги покануваме и медиумите сами да истражат зошто ДУП Ј07 не беше под мораториумот на Јана Белчева. Никој нема право да одлучува за нашите имоти и нашите животи и многу важно за сите таканаречени активисти – Ново Маало не е јавен простор, порача Стојанов.

На почеток