Пендаровски: Треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани


Не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас.
Разочарува растечкото чувство кај граѓаните дека во земјава владее неказнивоста, а недовербата и понатаму ќе расте ако имаме селективна правда која создава апатија, кажа претседателот на државата Стево Пендаровски во третото годишно обраќање во Собранието.
Се осврна на пандемијата, департизација на институциите, дезинформациите, блокираните евроинтеграции на Македонија. Рече дека е согласен со дел од позитивните пораки од новата бугарска Влада за економска соработка меѓу двете земји, а иако ветото останува, Пендаровски гарантира дека за земјава нема никаков ризик од безбедносна дестабилизација.
– Не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани. Инаку, од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник. Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. – Стево Пендаровски – претседател.
Претседателот смета дека освен преговорите со Европската Унија, треба да се посветиме и на билатералните односи – по формирањето на новата Влада, очекува со забрзано темпо да се пополнат празните амбасадорски места. Новиот владин кабинет час поскоро да се посвети на реалните проблеми на граѓаните, како последица од пандемијата, економијата и енергетската криза. Пендаровски ја прокоментира и оставката на премиерот Заев.
-Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата. – Стево Пендаровски – претседател.
На крај од обраќањето, претседателот Пендаровски упати повик за помирување до граѓаните и политичарите.
– Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето. Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме. – Стево Пендаровски – претседател.
Претседателот Пендаровски најави дека до средината на следната година ќе го презентира стретешкиот документ за развој на земјава, наречен МКД 2030, на кој работат експерти од академската и безнис заедницата.. Во него, рече, ќе се понудат проценки за нашите силни, но и слаби страни – ќе се акцентираат повеќе теми и области, од демократизација до здравствени и образовни политики и борбата против масовното иселување на младите.
