Актуелно

Како исти судии прво сметаа дека Мијалков ќе избега, па сега го пуштија

Судиите на Апелација, Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов кои донесоа решение дека Сашо Мијалков може да излезе од притвор со хипотека на имот вреден 11.106.501 евра, се истите кои во јуни му ја одбија гаранцијата која се состоеше скоро од истиот имот и тежеше 10.871.170 евра, објави „А1он“. Пред шест месеци тие беа децидни дека Мијалков може да избега, наведуваа факти и докази на што го темелат мислењето и го оставија во притвор во затворот во Шутка. Во решението од пред два дена, тие нивни сомнежи ги нема и во него не се цени дека тој е веќе неправосилно осуден на 20-годишна затворска казна по два предмети. Со 235.331 евро поголема гаранција од претходната, истите судии се убедени дека Мијалков нема да избега.

Ако во јуни, во образложението на решението е наведено дека постои реална опасност Мијалков да избега доколку се брани од слобода, со посочување дека еднаш не бил достапен 24 часа за да биде спроведен на издржување мерка притвор, сега овој аргумент на тројцата судии исто така го нема. Сега, во решението донесено пред два дена, стои дека тој има потесно семејство во кое е родител, дека е познат и со утврден идентитет, се цени тежината на делото. Разликата помеѓу двете одлуки е и тоа што овојпат, истите судии, за разлика од претходно, не го земале во предвид фактот дека Мијалков има две неправосилни осудителни пресуди за предметите „Таргет-тврдина“ и „Трезор“, со вкупно 20 годишна затворска казна.

Повеќе

На почеток