Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ алармира за опасност од прекин во континуитетот во давање на водни услуги
Од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ доставена е информација за опасност од прекин во континуитетот во давање на водни услуги, како резултат од кризата со снабдување со електрична енергија, што е дополнителен аларм дека итни мерки од Владата се неопходни за надминување на оваа кризна состојба. За ова информираше Заедницата на едниците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
“Зголемувањето на цената на електричната енергија доведува до проблеми во функционирањето на институциите што се под надлежност на локалната самоуправа, особено во јавните претпријатија кои даваат услуги на граѓаните. Воедно ги повикуваме сите надлежни институции на итен состанок за изнаоѓање на мерки за брзо справување со енергетската криза што ќе доведе до нормализирање на состојбата во општините на подолг рок. Воедно доставено е и барање до Владата за итно носење мерки за субвенционирање на општините како што тоа било случај и во минатото во вакви ситуации“, истакна претседателката на ЗЕЛС и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска.
Според Арсовска, сметките за електрична енергија во општините се драстично зголемени, а цените на природниот гас дополнително ја комплицираат крајно сериозната ситуација во којашто се наоѓаат општините, за што се потребни итни мерки од страна на Владата за ублажување на ценовниот шок, да се обезбедат субвенции за покривање на месечните трошоците за електрична енергија и истите да се одржат на ниво од пред кризата, како и училиштата да не бидат категоризирани како потрошувачи на индустриска струја.