Актуелно

Сметките за струја во општините покачени за шест пати, Стојкоски: Ако ова продолжи ќе се доведе во прашање ликвидноста на Ѓорче!

На состанокот на ЗЕЛС според информациите на градоначалниците на општините низ Македонија, сметките за електрична енергија се зголемени за повеќе од 5 пати и сметаат дека без соодветна помош од Владата ова е проблем што тешко ќе се надмине.

Само за илустрација за огромното зголемување на трошоците, во Гевгелија просекот на сметките за електрична енергија бил околу 400 илјади сега е 2,9 милиони денари. Од општина Ѓорче Петров истакнаа дека во просек сметките за електрична енергија биле околу 700 илјади, а сега е 3,3 милиони денари, а општината е презадолжена и е соочена со проблеми со ликвидноста. Важно е да има брза интервенција која би требало да биде барем до нивото на трошоците за електрична енергија од пред кризата.

– Како сума 3 милиони денари се буџетските средства кои годишно општина Ѓорче Петров ги користи за годишно одржување на сите јавни објекти кои се во рамки на општината, сите игралишта, училишта и градинки, додека пак во моментов ја плаќаме таа сума на месечно ниво само спрема сметките за електрична енергија и дополнително со буџетскиот долг којшто го имаме, кој е пренесен оваа година. Доколку продолжи со овој интензитет да бидат сметките за електрична енергија, сериозно ќе ја доведе општината Ѓорче Петров во проблем со нејзината ликвидност.Она што лично го предложив на седницата на ЗЕЛС е барем Владата да ни излезе во пресрет да ја субвенционира разликата како модел кој што би бил најбрзо апликабилен во делот на финансиска помош на општините, а во меѓувреме исто така силно се заложиме за поголеми капитални инфраструктурни проекти кои би значеле поставување на фотоволтаици на сите јавни објекти во општината и дополнително измени на законската регулатива. Се надеваме на брза реакција на Владата со што не би биле дополнително загрозени и ќе излезат во пресрет на потребите на сите граѓани, истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

На почеток